18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо 2018-та приоритет за Општина Центар ќе биде здравата животна средина

Во 2018-та приоритет за Општина Центар ќе биде здравата животна средина

Општина Центар денеска најави дека буџетот за 2018 е во завршни подготовки и дека ќе биде донесен в среда на 27 декември.

„Досега рекордни 12 милиони и 150 илјади денари ќе се одвојат за реконструкција и одржување на зеленилото. Планирана е изградба на нови паркови. Ќе засадуваме оформени дрвја и веќе сме во преговори в година на територијата на Центар да обезбедиме повеќе од 5.000 дрвја, кои ќе бидат засадени на повеќе локации“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

Од Општината информираат дека прифатен е и предлогот на коалицијата „О2“ за субвенционирање печки на пелети со 6.000.000 денари.

Лоцирајќи го греењето како најголем загадувач, Општина Центар, заедно со БЕГ, започна со подготовки на инфраструктурни проекти со цел во населбата Маџир Маало да се постави топлификациска мрежа за да се замени постојниот систем на греење на дрва и на други горива. Според информациите, веќе се започнати разговори и за гасификација на општината.

Предвидени се 2.000.000 денари за соларни панели, 40.900.000 денари за енергетски фасади, за субвенционирање за реконструкција на покриви ќе се издвојат 5.000.000 денари, за лифтови 3.000.000 денари, а за монтажни паркинзи 44.000.000 денари.

„Преку донации обезбедени се прочистувачи на воздух во три градинки. Сите објекти на градинките и сите основни општински училишта ќе бидат обезбедени со прочистувачи. Во периодот што претстои очекуваме неколку пилот-проекти за зелени фасади и поставување зелени покриви таму каде што има можности“, информираат од Општината.

Општина Центар во изминатите 4 години исплаќа субвенции за велосипеди. И оваа година ќе продолжи трендот за стимулирање на граѓаните за да купуваат и користат велосипеди, а за тоа ќе се одвојат 2 милиона и 800 илјади денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП