26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Водно во недела ќе се собираат бадникови гранчиња

На Водно во недела ќе се собираат бадникови гранчиња

Во недела напладне во месноста Краста одборот за прослава на Бадник во Скопје на своите сограѓани ќе им ги претстави кумот и здравичарот за Бадник 2018 соопштувајќи на тој начин дека сè е подготвено за централната прослава на 6 јануари на платото пред Соборниот храм.

Кумот и здравичарот на Бадник 2018, Влатко Огненовски – Шеф и Стефан Хаџи Николов – Штеф, први симболично ќе пресечат гранче даб, симбол на среќата и радоста, во пресрет на најголемиот христијански празник Божик.

Месноста Краста се наоѓа на јужните падини на Водно на патот кон хидрцентралата „Козјак“. Тука скопските бадникари ги собираат бадниковите гранчиња што на 6 јануари со години им ги делат на скопјани на свеченоста на платото пред Соборниот храм, „Свети Климент Охридски“, во пресрет на Божик – најсветлиот христијански празник.

Поканети се сите што сакаат да побегнат од маглата и загадениот воздух, што се желни за дружба и пријатна атмосфера, за музика и веселба, да дојдат на ова место, да бидат во друштво со членовите на одборот, поранешни кумови и здравичари, претставници на локалните власти, на Градот и на општините Центар и Сопиште, поддржувачи и спонзори и естрадни уметници.

Сè е подготвено за централната манифестација што ќе се одржи на 6 јануари на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, каде што новиот кум ќе го прими бадникарскиот ќуп од кумот за 2017 година – Радко Манов. Заминувањето на пајтоните со кумовите и здравичарите ќе биде врв на уште една прослава во пресрет на Бадник – 26-та манифестација, што стана белег на Скопје во празничните денови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП