2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо целосно искористување на туристичките потенцијали со промена на законите

До целосно искористување на туристичките потенцијали со промена на законите

Измените на законите за туристичка и угостителска дејност ќе ги дефинира работна група составена од претставници на Министерството за економија, локалната самоуправа, планските региони, факултетите за туризам и угостителство, Државниот пазарен инспекторат, стопанските комори и приватниот сектор.

Ова е заклучокот од првата панел дискусија на тема „Измена и дополнување на законската регулатива“ која се одвиваше во рамки на Конференцијата за развој на туризмот во Република Македонија, во организација на Министерството за економија, а ја водеше раководителот на секторот за туризам и угостителство, Беким Хаџиу, информираат од министерството.

Предлозите од бизнис заедницата вклучуваат ограничување на важноста на лиценците за туристичка дејност на 3 години, можност за воведување на нова лиценца за тур-оператори, осигурување на аранжмани, лиценци за туристички водичи со рок на важност, зајакнување на контролите за нерегистрирани агенции и водичи со цел спречување на нелојалната конкуренција.

Во врска со Законот за угостителска дејност меѓу предлозите се вбројуваат измена на правилникот за категоризација во насока на вреднување на услугата, категоризација на сите угостителски објекти за сместување и за исхрана со посебни правилници за услови, вклучувајќи ги и новите форми кои досега не биле опфатени, регулирање на продажбата преку онлајн оператори, воведување на електронски систем за пријавување на туристи, регулирање на таксата за привремен престој, зајакната контрола на нерегистрираните угостителски објекти и сл. Притоа, усогласените измени на законската регулатива треба да бидат предложени до Владата до првата половина на февруари идната година.

Во однос на втората панел дискусија на тема Стратегија за туризам до 2021 година било договорено стратешката рамка која поставува солидни основи за развој на туризмот да биде дополнета со дефинирани предлози кои ќе бидат доставени од бизнис заедницата до крајот на овој месец, после што ќе се одржи уште една заедничка работна средба за усогласување на предлозите и изработка на финален текст на Стратегијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП