Вградувањето мерачи ќе го поскапи парното, најмногу на удар ќе бидат оние кои живеат во постари згради, на северната страна. Во меѓувреме Уставен пресече – паушал дефинитивно ќе плаќаат и исклучените!
Мерачите ќе го поскапат парното
Вградувањето мерачи на радијаторите ќе го поскапи парното греење. Според пресметките на најголемиот снабдувач Балкан енерџи груп (БЕГ) сметките можат да бидат повисоки и до 30% доколку не се намали температурата во становите.
„При 30% заштеда на енергија, финансиската заштеда изнесува 0 отсто. За остварување 35% заштеда на енергија потребно е просечната собна температура да се намали за 5 Целзиусови степени“ објаснуваат во БЕГ.
Сметките ќе зависат од температурата на станот, па оние со подобра изолација ќе трошат помалку. Сериозен проблем ќе имаат оние кои живеат на северна страна, на последен кат и на краевите од зградите каде загубите на топлина се и најголеми.
И вградувањето мерачи ќе чини
И самото вградување на мерачи ќе биде дополнителен иако еднократен трошок. Еден ваков апарат во просек чини 50 евра, па за стандарден стан со шест радијатори тоа би чинело 300 евра.
„Цената на комплетната опрема која би можела да се инсталира изнесува околу 300 евра по станбена единица“ велат во БЕГ.
Експертот за енергетика, професорот Константин Димитров, објаснува дека предлог – законот предвидува овој трошок да падне на грбот на граѓаните.
„Сите корисници треба да вградат мерачи на потрошувачката на топлинска енергија, а додека кај електричната енергија и гас тие мерни инструменти се обврска на снабдувачот – на операторот, е овде вели граѓаните тоа треба сами да си го платат“ објаснува Димитров.
Од Владата со контрадикторни изјави кој ќе ги плати мерачите. Вицепремиерот Кочо Анѓушев еднаш изјави дека се уште не е прецизирано, а друг пат дека ќе се направат напори тие да бидат субвенционирани од државата.
„Ќе се најдат финансиски средства да бидат платени, а да не бидат на товар на граѓаните. Нивната набавката ќе биде регулирана со под законски акти, а граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци“ рече Анѓушев откако во јавноста се крена прав за новите давачки.
Законот за енергетика кој меѓу другото ја предвидува и оваа обврска во сила треба да стапи кон крајот на идната година.
Парното годинава значително поевтини
Парното греење од први август значително поевтини. Најголемиот снабдувач, БЕГ има пониски цени за 10.93%, ЕЛЕМ енергетика за 11.59%, а Скопје Север за 4%.
На годишно ниво цената се намалува за околу 2.800 денари за домаќинствата кои живеат во стан од 50 метри квадратни. Сепак, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење. Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.800 денари или 21.600 денари годишно.
Уставен пресече – ќе плаќаат и исклучените
Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на обврската граѓаните што не користат топлинска енергија да плаќаат паушален надомест. Тоа значи дека обврската останува.
Приближно 12 илјади домаќинства исклучени од системот секој месец плаќаат паушален износ од 500 до 1.200 денари зависно од површината на станот.
Дел од нив со години протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика, а најавија и тужба пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
К. Н.