20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа десет отсто ќе биде помал буџетот на градот Скопје во 2018-та

За десет отсто ќе биде помал буџетот на градот Скопје во 2018-та

Советот на Град Скопје на денешната трета седница го усвои Предлог Буџетот за 2018 година кој изнесува вкупно 6,2 милијарди денари, што е за десет проценти помалку во однос на 2017 година.

Градоначалникот Петре Шилегов, како што информираат од Град Скопје, на денешната седница рекол дека акцентот ќе биде ставен на подобрување на животната средина, развивање на транспортната мрежа, дел за патната инфраструктура, комуналната инфрастуктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции што ќе придонесат за подобар економски раст и развој на градот.

„Наша крајна цел е Скопје да биде функционален град, зелен град, велоград, град што поврзува, град за сите! Тоа е мој став, моја заложба и за тоа ќе се борам заедно со сите Вас“, рекол Шилегов, пред советниците.

Градоначалникот најавил неколку поголеми проекти во кои градот планира да инвестира во наредната 2018 година како инвестиции во дигитализација и електронски пристап кон услугите што ги дава администрацијата. Тоа вклучува и имплементација и одржување на паметен систем за управување со уличното осветлување, како почеток на проектот Скопје Смарт Сити. Предвидени се и инвестиции за заштитата на животната средина преку повеќе различни проекти, како што се: изградба на нови велосипедски, пешачки и трим-патеки, подигнување на јавно зеленило на магистрални улици и паркови, проекти за зелени кровни површини на станбени згради, се со цел процентот на зеленило драстично да се зголеми во Скопје.

„Парите наменети за секторот за животна средина во 2018 година се речиси трипати повеќе од оние предвидени со сегашниот буџет и меѓудругото ќе бидат наменети за набавка на прочистувачи на воздух – јонизатори во училниците во сите средни училишта на Град Скопје и системско решавање на проблемот со кучињата скитници“, најавил Шилегов.

Предлог Буџетот за 2018 година, како што информираат од Град Скопје, е изработен врз реални основи согласно законските одредби во Република Македонија и со него се опфатени сите проценети приходи и приливи и расходи и одливи за наредната година со кои се овозможува непречено извршување на надлежностите на Градот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП