9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААларм: половина ниви остануваат необработени!

Аларм: половина ниви остануваат необработени!

Мали и расцепкани парцели кои во голем дел остануваат необработени. Ова е реалната слика за македонското земјоделство.

Скоро пола држава е под земјоделско земјиште. Од вкупната површина, 25.713 квадратни километри, 12.644 км2 или 1.264.408 хектари се земјоделска – 7.503 км2 се пасишта, 4.150км2 се ораници и бавчи, 594 км2 се ливади, 232 км2 се лозја, а 159 км2 се овоштарници.

Речиси половина од ораниците и бавчите остануваат незасеани. Според пресметките на Државниот завод за статистика (ДЗС) минатата година од вкупната површина од 415.004 хектари засеани биле само 276.567.

Од засеани површини најголем дел или 58% се под жита, 19% под зеленчук, 14% под фуражни и 9% под индустриски култури.

„Најчесто овие необработени површини се во ридско – планинските делови, но има и во рамничарските делови. Секако штетата што не се обработуваат е голема. Ние сме нето и трошиме милиони евра. А така не само што ќе ги покриеме домашните потреби туку ќе има и за извоз“, вели Борис Анакиев, агроекономист и универзитетски професор во пензија.

Дополнителен проблем за земјоделскиот сектор се и малите парцели. Едно домаќинство во просек има по 5 оддалечени ниви, а голем дел од нив и до 10 километри една од друга со што се зголемуваат трошоците за нивна обработка.

Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014 – 2020 предвидува субвенции за окрупнување на површините, но засега резултатите се слаби.

„Малите земјоделски стопанства и фрагментацијата на земјоделското земјиште се најголемите проблеми за македонското земјоделство, што резултира со неефикасна употреба на земјоделското земјиште. Необработеното напуштено земјиште е исто така сериозен проблем за понатамошен развој на секторот“, се заклучува во стратегијата.

Преку европските ИПА фондови за оваа и за следната година се обезбедени два милиони евра за консолидација односно окрупнување на земјиштето.

„Малите и фрагментирани површини, како и големиот број просторно раздвоени парцели сè уште се една од клучните слабости на македонското земјоделство која го лимитира обемот на производството, создава дополнителни трошоци, оневозможува примена на современи агротехнички мерки и механизација“, се наведува во образложението на ИПА програмата.

Земјоделците се свесни дека мора да работат на окрупнување на површините, но велат дека тоа оди многу тешко.

Малите расцепкани парцели не се проблем само во Македонија туку и во целиот регион. Просечната  големина на земјоделските стопанства е од 2.5 до 2.8 хектари, а на катастарските парцели 0.3 до 0.5 хектари што е далеку под европскиот просек кој изнесува 20.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП