4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓните на едно место ќе добиваат над 40 административни услуги

Граѓните на едно место ќе добиваат над 40 административни услуги

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска потпиша Меморандум за соработка со постојаниот координатор на ОН и претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, со што започнува имплементацијата на проектот „Една точка на услуги“ и е означен почетокот на хоризонталната функционална анализа на јавната администрација.

Со проектот „Една точка за услуги“, граѓаните на едно место ќе можат да добијат повеќе од 40 услуги и информации и тоа од следните институции: Министерство за внатрешни работи, Министерство за транспорт и врски – Сектор за патен сообраќај и инфраструктура, Управа за јавни приходи, Агенција за катастар на недвижности, Агенција за вработување, Министерство за труд и социјална политика – Центри за социјална работа, Централен регистар, Фонд за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерство за економија.

„Едната точка за услуги значително ќе го намали времето на чекање на граѓаните при добивањето на услугите. Шалтерите ќе даваат услуги за корисниците во две смени. Ова ќе биде голем чекор напред кон создавање на јавна администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните“, рече министерот Манчевски.

Тој нагласи дека ова е само прва фаза од проектот кој понатаму треба да прерасне во „Центри за јавни услуги“, односно една точка за услуги во повеќе градови во државата.

Во однос на хоризонталната функционална анализа на органите на државната управа и агенциите, министерот посочи дека процесот ќе започне со мапирање на сите институции во државата според вид, статус, надлежности и линии на отчетност и согласно резултатите од мапирањето, ќе биде изработен детален Каталог на институции што ќе биде јавно достапен.

„Овој вид на анализа се спроведува за прв пат во Македонија и треба да одговори на голем број на прашања и дилеми за тоа, кои промени се неопходни во администрацијата. Реорганизацијата на администрација ќе се прави согласно добиените резултати од функционалната анализа“, истакна министерот.

Манчевски воедно и се заблагодари на постојаниот координатор на ОН и претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, за помошта и поддршката во обезбедувањето на домашни и надворешни експерти за оваа анализа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП