13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворање на работилницата PeaceTech Exchange

Отворање на работилницата PeaceTech Exchange

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, заедно со американскиот заменик-амбасадор Микаела Швајцер-Блум, официјално ја отвори работилницата Peace Tech Exchange наменета за вработените во институциите на власта.

Министерот Манчевски истакна дека МИОА и Владата работат на вклучување на сите заинтересирани страни во креирање на политиките во интерес на граѓаните. Транспарентноста, отчетноста и, како што посочи тој, отвореното владино партнерство се во корелација со иновациите, развојот и конкурентноста.

„Во моментот се имплементира третиот национален акциски план за отворено владино партнерство. Имплементацијата на акцискиот план продолжува со зголемена динамика и интензитет. Нов статус за напредокот во согласност со динамиката за известување ќе презентираме во јануари 2018. Во јануари ќе се почне четвртиот циклус на подготовка на акциски план за ОВП 2018-2020. Во создавањето на планот централно место ќе заземат консултациите во и надвор од Владата вклучувајќи и широки консултации со министерствата и други органи на државната управа, како и консултација со општата јавност, граѓанските организации, академските институции и приватниот сектор“, истакна министерот Манчевски.

Министерот исто така посочи дека МИОА презема активности за подобрување на политиките за отворени податоци на јавните институции, со цел не само да се подобри транспарентноста и одговорноста туку и да се искористи економскиот потенцијал на отворените податоци.

„Во моментот ја подготвуваме националната стратегија за отворени податоци и пилотираме проект со две министерства – Министерството за финансии и Министерството за земјоделство, за да ги идентификуваат и приоретизираат своите збирки податоци што се клучни за јавниот интерес. Планираме да продолжиме со оваа активност и во другите министерства во 2018 година“, рече министерот.

Заменик-амбасадорот Швајцер-Блум исто така се осврна на важноста на отворените податоци кои се клучниот инструмент во борбата против корупцијата. Работилницата ја организира PeaceTech Lab од Американскиот мировен институт во соработка со локалниот партнер Democracy Lab, а со поддршка на Амбасадата на САД во Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП