28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВоведување на итни мерки против загадувањето во Општина Карпош

Воведување на итни мерки против загадувањето во Општина Карпош

Поради високото ниво на загаденост на воздухот во Општина Карпош, градоначалникот Стефан Богоев ги образложи сите ургентни мерки кои во моментот ги презема Општината за намалување на степенот на загаденост.

„Општина Карпош презема интервентни мерки за справување со загадувањето. За таа цел, најавувавме почнување процедура за итна набавка на прочистувачи за воздух за сите градинки и училишта на територија на Општина Карпош. Дополнително, итно ги запираме градежните активности кои произлегуваат од работењето на Општина Карпош, а се однесуваат на тековно одржување на улиците, тротоарите и слични градежни зафати кои ги реализира општината. Во контекст на ова, бараме сите приватни изведувачи и инвеститори да го следат примерот на Општина Карпош и да запрат со градежни активности во моментите кога загадувањето е на највисоко ниво“, рече Богоев.

Тој најави продолжување на редовните контроли и инспекции на градилиштата со цел да се спречи узурпирање на јавните површини и предизвикување дополнителна нечистотија и загадување.

„Ги повикуваме сите инвеститори, фирми, претпријатија на општествена одговорност да донираат прочистувачи на воздух или заштитни маски за граѓаните, или да донираат финансиски средства на наменската сметка на Општината која е објавена на веб-страницата и на фејсбук-страницата на Општина Карпош. На овој начин и компаниите ќе покажат дека се општествено одговорни и ќе им помогнат на граѓаните и на Општината да можат да набават повеќе прочистувачи на воздух и да набават повеќе заштитни маски за граѓаните. Дополнително на ова, продолжува да биде активна и понатаму телефонската линија за пријавување на загадувач, која е отворена на 24 ноември и на која граѓаните ги повикувам активно да пријавуваат загадувачи кои палат оган на отворено“, рече Богоев.

Градоначалникот додаде дека следната недела ќе биде свикана вонредна седница на Советот на Општина Карпош, на која како градоначалник ќе предложи донесување одлука за субвенционирање на заштитни маски за целни групи за граѓани на Општина Карпош.

„Воедно, сакам да ја известам јавноста дека заедно со Градот Скопје, заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање и заедно со Државниот инспекторат за животна средина продолжуваме заеднички и координирано да бараме трајни решенија за решавање на проблемот со загадувањето на територија на Општина Карпош и Градот Скопје“, изјави во денешното обраќање градоначалникот на Карпош, Богоев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП