2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Предлог-законот за енергетика е во прилог на македонските граѓани (видео)

Анѓушев: Предлог-законот за енергетика е во прилог на македонските граѓани (видео)

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, одржаа прес- конференција во врска со предлог-законот за енергетика.

Вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши посочија дека со предлог-законот за енергетика се овозможува сигурност, стабилност, безбедност и квалитет во снабдувањето со енергенти на крајните потрошувачи. Вицепремиерот Анѓушев истакна дека станува збор за предлог-закон кој е резултат на повеќедецениско европско искуство во енергетиката и ќе спречи да се прават грешки што се правеле во минатото, а ќе овозможи енергетското живеење во Македонија да се доведе во рамките на најдобрите европски пракси.

„Предлог-законот е во прилог на македонските граѓани, ќе овозможи повисока конкурентност во поглед на снабдувањето со сите енергенти. Каде што постои конкуренција, има намалување на трошоците, нема регулирани бизниси, нема неоправдани трошоци и ја нема комоцијата енергетските компании да пријавуваат неоправдани трошоци кои ќе ги плаќаат сите граѓани“, потенцира Анѓушев.

Министерот за економија Бектеши истакна дека предлог-законот за енергетика нуди европски решенија во енергетскиот сектор и е целосно хармонизиран со ЕУ-регулативите.

„Покажавме политичка волја и капацитет да ги откочиме задоцнетите процеси во енергетскиот сектор во Република Македонија. Предлог-законот за енергетика е усогласен со третиот пакет на енергетски мерки на ЕУ, со што ги исполнуваме обрвските преземени со потпишување на договорот за пристапување во Енергетската заедница. За неспроведување на преземените обврски кон земјава се поведени два спора, а со новиот закон овие спорови ќе бидат анулирани. Она што е посебно важно е што со новиот закон на граѓаните им го враќаме одземеното право на избор“, истакна Бектеши.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, го изрази задоволството за текстот на предлог-законот за енергетика, при што истакна дека третиот енергетски пакет не е нешто што треба само да преслика, туку е искуство добиено со децении и децении, односно алатка работите во енергетиката да не одат во погрешна насока.

„Целта на законот за енергетика е сите елементи да бидат поставени на правилен начин и да се добијат поефикасни енергетски решенија. Законот треба да биде фокусиран на потрошувачите, а не кон производителите или други учесници на пазарот, како што беше во минатото кога тие беа главни креатори на енергетските политики“, истакна Копач.

По завршувањето на прес-конференцијата се одржа и јавна расправа во врска со предлог-законот, на која присуствуваа претставници од јавни и приватни компании од енергетскиот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП