6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСезоната на прагот - што нудат нашите ски центри?

Сезоната на прагот – што нудат нашите ски центри?

Македонските скијачки центри со години со речиси истата понуда. Нови вложувања нема, но барем и цените остануваат по старо. На планините веќе падна првиот снег, но вистинска покривка која ќе овозможи спортување според најавите на метеоролозите треба да се формира викендов.

Викендов треба да падне повеќе снег

На планините веќе се формираше првата снежна покривка. Најмногу има на Шапка, десетина сантиметри. Во Маврово и Крушево 5 до 6. На Пелистер само е забелено, има многу малку снег.

Метеоролозите прогнозираат дека повеќе снег треба да падне веќе викендов кога ќе бидеме под влијание на нов влажен бран со врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во сабота, а од недела ќе има опаѓање на температурите и дождот ќе биде заменет со снег.

Ски картите засега со стари цени

Засега нема најави за промена на билетите за скијање. Цените најверојатно ќе останат исти како и лани.

Најевтино е во Копанки на Пелистер – дневната карта е 300, детската е 200 денари, а дополнителни 100 денари се плаќаат за жичницата.

Во Крушево цената на дневниот е 500, на полудневниот 350, а на жичницата 150 денари.

На Попова Шапка се нудат три типа на ски карти, дневна од 900, полудневна од 600 и детска од 400.

Во Маврово е најскапо, дневната карта е 1.100 денари, утринската која важи до 13 часот е 650, попладневната е 850. Има посебна понуда за студенти, 800 денари за цел ден.

Маврово останува број еден ски центар

Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ располага со 11 ски-лифтови и 3 жичарници долги 5.700 метри. За еден час можат да се превезуваат и да скијаат над 11 илјади лица.

Стартот на скијачката приказна во Маврово датира од 1959-та година кога тогашниот Скијачки сојуз решил на ова место да се гради скијачки центар. Изградбата на првиот сместувачки капацитет „Скијачка школа“ почнала 5 години подоцна, кој денеска е хотел.

Половина век подоцна, скијачкиот центар на Бистра е препознатлив по патеките на кои се одржуваат врвни меѓународни натпревари во алпско, нордиско и сноуборд скијање. Маврово има можности за натамошен развој на туризмот, не само во зима , туку преку целата година, но за тоа да стане реалност неопходни се нови инвестиции.

Попова Шапка со патеки долги 35 квадратни километри

Попова Шапка има скијачки терени со вкупна површина од 35 квадратни километри, на надморска височина од 1.700 метри до 2.500 метри.

Има две жичници, пет ски лифта и 15 скијачки патеки.

Попова Шапка е поврзана со локален асфалтен пат од Тетово во должина од 18 километри, а до пред 15 години до скијачките терени можеше да се стигне и преку гондолската жичница која тргнуваше од градот, но која од 2001-та година веќе не е во употреба.

Попова Шапка располага со патеки за почетници, за напредни скијачи, за натпреварувачи во алпско скијање.

Овде требаше да се изгради нова жичница која треба да го поврзе градот Тетово со планината, но неделава Владата донесе одлука да го стопира проектот.

„Изградбата на жичарницата на Попова Шапка е прекината од страна на Министерството за средина и просторно планирање бидејќи не биле обезбедени потребните документи за проектот. Постојано сме во консултации со инспекторатот на Министерството за животна средина и за транспорт и врски за обезбедување на потребните дозволи за градба“ соопштуваат од државната компанија ЕЛЕМ која го тера проектот.

Крушево – од центар до терен со жичница

Скијачкиот центар во Крушево има три патеки, два ски лифтови и една двосед жичница која директно го поврзува градот со терените.

Патеките имаат нивоа лесна 350м, средна 400м и патека со напредно ниво во должина од 700м под двосед жичницата.

На ски патеките има и елементи за сноуборд парк. Центарот располага со 6 нови снежни топови, изградено е ново вештачко езеро за поддршка на системот од снежни топови.

Инсталирано е и осветлување за ноќно скијање под синиот лифт и стазата под жичницата.

Пелистер – патеки долги два километри

Ски центарот Копанки кој се наоѓа на Пелистер има двосед жичницa долга 680 метри и ски лифт долг 580 метри.

Патеките се на висина од 1.400 до 1.800 метри. Двете поголеми патеки се со просечен наклон од 35 – 38%, со комплетна должина од речиси 2.000 метри. Во рамките на детското одморалиште се наоѓаат и три помали ски-лифта.

Во близината на Пелистер во Нижо Поле е и скијачкиот центар Стрежево, каде што постојат два ски-лифта, со должина од 750 и 820 метри. Центарот е реновиран, со проширени патеки, реновирано бачило, како и можности за ноќно скијање од сезона 2015/2016. Ски центарот се протега со базна точка на 1310 м до 1600м.

Кожуф изолиран – патот забранет за користење

Најновиот скијачки центар, Кожуф, никако да проработи. Пристапниот пат е единствениот проблем да профункционира инвестицијата од 20 милиони евра. Изграден е систем на жичници – шестосед, два ски лифта, систем за технички снег. Сепак, штом ќе падне снегот падините остануваат изолирани – не се одржува пристапниот пат.

Комплексот треба да располага со два ресторани еден во населбата, а другиот на 2.000 метри надморска висина, на крајната станица од шестоседот.

Според усвоениот план, дополнително треба да има 200 планински куќи, 40 помали и 6 поголеми хотелски капацитети, отворен паркинг простор за над 2.000 возила, мулти медиумски центар, продавници, ресторани и барови и голем број спортско рекреативни содржини за фудбал, тенис, голф, пливање.

Галичица ќе биде најнов скијачки центар?

Во деведесеттите беа затворени, а потоа и продадени трите ски лифтови и едната жичница со кои располагаше Галичица.

Сепак, последниве неколку години се прават напори повторно да профункционира овој скијачки центар кој се наоѓа меѓу двете најголеми македонски езера. Планот за изградба на нови патеки е се уште актуелен.

Странски инвеститори од Швајцарија, Норвешка, Франција, Германија, Италија, Израел и Русија пројавија првичен интерес за инвестирање, но засега нема компанија која што е блиску со своите понуди до реализација на овој голем инвестициски зафат кој би чинел околу 76 милиони евра. Проектот е во неколку фази и опфаќа ски патеки долги 12 км, 2 гондоли, 7 ски лифтови и високо безбедни подвижни ленти наменети за деца и почетници. Предвидени се патеки за алпско и за нордиско скијање.

Ски центарот Галичица се планира да биде центар од средна големина со капацитет да прими околу 3 500 скијачи дневно.

Сепак, бидејќи станува збор за национален парк и за заштитено подрачје мора особено да се внимава на природата. Поради ова дел од невладините организации и експертите се противат на какви било инвестиции на Галичица.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП