4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоцијални претпријатија за економско јакнење на групите од социјален ризик

Социјални претпријатија за економско јакнење на групите од социјален ризик

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. официјално го заокружи едногодишниот ИПА-проект „Зајакнување на Ромките преку основање социјално претпријатие“, финансиски поддржан од Европската Унија.

По тој повод денеска во ЕУ Инфо-центарот во Скопје се одржа конференција за печат, на која беше истакнато дека Х.Е.Р.А. заедно со Општина Центар и мрежата на социјални претпријатија „Групација СОС“ од Франција работеле на отворање можности за економско зајакнување на Ромките, кои се меѓу најмаргинализираните во земјата, што во голема мера се должи и на фактот што дури 92 отсто од нив не се доволно образовани.

Имено, Х.Е.Р.А. и партнерските организации изготвија предлог-програма за развој на социјалното претприемаштво на Општина Центар за 2018 година и стратегија за финансиски механизми за социјални претпријатија во Република Македонија.

Претставувајќи ги накусо овие два документа, Ана Филиповска, локален консултант за развој на социјални претпријатија, ги истакна финансиските механизми кои овозможуваат поволна правна и финансиска околина за основање социјални претпријатија во Македонија. Притоа беше подвлечена и важноста на локалната политика во креирањето социјални претпријатија како начин на економско зајакнување на групите од социјален ризик, но и како начин на постигнување самоодржливост на сервисите што ги нуди граѓанскиот сектор.

Социјалното претпријатие „Нега плус“, кое Х.Е.Р.А. го отвори со помош на овој проект, денес нуди грижа и нега на стари и изнемоштени лица во домашни услови и вработува десет Ромки кои се обучени и сертифицирани според програмата за палијативна грижа и нега, лиценцирана од страна на Министерството за образование.

Во рамките на настанот се одржа и панел-дискусија на која беа споделени дел од успешните социјално претприемачки приказни кај нас. Покрај Благица Петрова од „Нега плус“, за неизбежните финансиски предизвици при формирањето социјално претпријатие во земјата зборуваа и социјалните претприемачи Сократ Манчев од „Покров“, Александра Илоска од „Лице в лице“, Ирина Јаневска од „Кулинари“ и Сашко Јованов од „Хуманост“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП