26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија на раб на рецесија – раст на БДП од 0.2% во...

Македонија на раб на рецесија – раст на БДП од 0.2% во третиот квартал

Македонската економија останува на работ на рецесија. Пораснала за само 0.2% во третиот квартал. Од јануари до септември вкупните активности биле помали за 0.75% во однос на истиот период лани. Единствен позитивен показател е натамошното намалување на невработеноста, стапката се спуштила на 22.1% во третото тримесечје.

Политичката криза му пресуди на економскиот раст

Вкупниот раст на Бруто домашниот производ (БДП) во третиот квартал бил само 0.2%. Гледано по сектори во позитива се само трговијата (+9.8%), земјоделството (+3.8%) и дејноста поврзана со недвижности (+0.9%). Сите други се  во негативната зона: рударство (-4.1%), преработувачка индустрија (-5.8%), градежништво (-11.6%).

Економијата во првиот квартал беше во стагнација односно растот беше еднаков на нула, во вториот според ревидираните податоци намалувањето било за 1.3%, а во третиот повторно имало благ раст од само 0.2%. Кога се ќе се собере во периодот јануари – септември вкупниот економски раст бил негативен односно -0.75%.

Македонија, сепак, официјално не е во рецесија бидејќи по дефиниција една економија влегува во рецесија кога има пад на БДП во два последователни квартали.

Народната Банка (НБРМ) засега останува на проекцијата за вкупен раст од 0.5% до крајот на годината.

„Постои ризик политичката стабилност негативно да се одрази, впрочем ние се соочуваме со таа состојба. Во претходните три години ние имавме солиден економски раст. Во просек економијата растеше со околу 3% и тоа беа стапки на раст кои што беа едни од повисоките во регионот на Централна и Југоисточна Европа. Меѓутоа со ескалацијата на политичката состојба и високата политичка неизвесност растот забави во 2016 и оценуваме дека тоа е резултат на зголемената политичка неизвесност“ изјави вчера вицегувернерката Анита Ангеловска – Бежоска.

Во тешки услови скромно намалување на невработеноста

Единствен статистички податок кој охрабрува е натамошното намалување на невработеноста. Стапката во третиот квартал се спуштила за 0.5 процентни поени до историски најниски 22.1%. Во овој период биле креирани 3.559 нови работни места со што вкупниот број на вработени достигнал 743.451, а бројот на невработени се спуштил на 211.363 луѓе.

Невработеноста би била и помала доколку квалификациите на луѓето би биле поприлагодени на потребите на бизнисмените. Според ДЗС во Македонија во третиот квартал имало и 7.586 работни места. Во моментов преку Агенцијата за вработување (АВРМ) има 7.459 активни огласи за вработување. Се бара секаков кадар, од фризер и рецепционер до лекар и информатичар.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП