3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветска Банка со проект од 150 милиони долари ќе ја олеснува трговијата...

Светска Банка со проект од 150 милиони долари ќе ја олеснува трговијата на Западен Балкан

Во рамки на Меѓународната конференција „Посилна регионална интеграција на Балканот“ во Софија, чиј домаќин е Светска Банка беше нагласено дека оваа институција ќе поддржи Проект за олеснување на транспортот и трговијата на Западен Балкан во вкупна вредност од 150 милиони долари, оценувајќи дека бенефитот за државите од Западен Балкан ќе биде во вкупна вредност од 1 милијарда долари.

На конференцијата присуствува и премиерот Зоран Заев кој на заедничкиот прес во Софија на премиерите од регионот во овој контекст истакна дека изградбата на коридорите 8 и 10 е дополнителна можност за раст и развој на регионот на Западен Балкан, како и за приближување на регионот кон ЕУ.

Заев додаде дека присуството на еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, на Конференцијата во Софија, е порака за важноста на регионот за ЕУ, којшто сега треба да одговори на очекувањата.

„Претстојното претседателство на Бугарија со ЕУ испраќа охрабрувачка порака целиот регион да даде резултати, преку исполнување на очекувањата на ЕУ во делот на напредувањето на Балканот што е интерес на сите. Олеснувањето на протокот на стока и патници ќе биде сериозно олеснување за граѓаните и за бизнисот. ИТ поврзувањето на граничните премини ќе значи модернизација и можност нашите граѓани да се почувствуваат еднакви со граѓаните од Европа“, додаде претседателот на Владата.

Порака за единствен економски регион со цел да се унапреди економскиот потенцијал на земјите од Западен Балкан испрати и еврокомесарот Хан кој рече дека на тој начин побрзо ќе се намалат економските разлики со ЕУ, со цел доближување до ЕУ и посветување на сите други критериуми потребни за негова интеграција. Еврокомесарот Хан повтори дека Европската Комисија ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.

Главната извршна директорка на Светска Банка, Кристалина Георгиева и претставниците на Светска Банка објаснија дека помагаат на регионот подобро економски да се поврзе преку проектот што ќе овозможи еден шалтер на граничните премини преку којшто ќе се одвива полесно трговијата и протокот на луѓе, разработен систем за заедничка контрола, со цел подобра безбедност како и квалитетни патишта во рамки на финансиската поддршка за инфраструктурата.

На заедничката прес-конференција и фотографирање им претходеше воведна дискусија за значењето на граничните олеснувања во регионот, со цел гранични олеснувања и на трговијата, како и регионални ИТ и технолошки кластери, со цел отворање перспективи за приватниот сектор.

Сите премиери од државите од Западен Балкан го поддржаа интензивирањето на регионалната соработка и ги поздравија заложбите на Република Бугарија, како идна земја претседавач со ЕУ, за европски перспективи на целиот Западен Балкан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП