8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШвајцарскиот фонд ветува, „Фени“ ќе продолжи со работа за 1,5 до 2...

Швајцарскиот фонд ветува, „Фени“ ќе продолжи со работа за 1,5 до 2 месеца

Швајцарскиот инвестициски фонд „ФОС Асет менаџмент“ депонирал 3 милиони евра за „Фени“ кај банките доверители. Одлуката дали ќе ја добие фабриката банките треба да ја објават најрано денес попладне кога истекува рокот во кој заинтересираните инвеститори треба да го потпишат меморандумот за разбирање со банките кредитори во кој се наведени предлог-условите за преземање на фабриката.

Марко Комхис, основач на „ФОС Асет менаџмент“, денес ги претстави плановите на швајцарскиот инвестициски фонд за рестартирање на „Фени“.

„На ‘Фени’ не гледаме како на банкротирана компанија, туку, напротив, ја гледаме како фабрика што има иднина. Ќе ги задржиме на работа сите вработени, а на долг рок планираме и нови вработувања. За рестартирање на првата линија во фабриката, единствената што е во функција, ќе вложиме околу 30 милиони евра. Што се однесува до нас, ние би влегле во фабриката уште утре доколку со нас се потпише договорот, но има правни процедури што мора да се почитуваат. Очекувам за 1,5 до 2 месеца од потпишувањето на договорот да почнеме со производство“, рече Комхис и нагласи дека нема да увезуваат менаџери во фабриката, туку дека нивниот план е луѓето што со години работат и имаат искуство да бидат поставени на раководни позиции.

Неговиот инвестициски фонд е веќе навлезен во бизнисот со никел. Комхис вели дека во 2015 година го презел „Фалкондо“ од Гленкор, рударски гигант во Швајцарија, кој по 50 години работење бил затворен и 1.000 луѓе останале без работа.

„За девет месеци успеавме повторно да го отвориме ‘Гленкор’. Сега таму работат 1.300 луѓе. Ова искуство ни помогна да се чувствуваме комфорно да предложиме сериозен план за ‘Фени’. Дојдовме овде првпат по покана на ‘Кунико рисорсис’ кога пред два месеца тие побараа инвеститор за ‘Фени’. Така ги запознавме и банките, кои сега треба да донесат одлука“, вели Комхис.

За обезбедување руда за работа на фабриката имаат рудници во Латинска Америка и Африка, со кои соработува фабриката од Швајцарија, па Комхис смета дека ги исполнуваат трите основни услови поставени од банките, а тоа се финансиски извори, искуство во бизнисот со никел и достапни природни ресурси.

Комхис вели дека бил на средби и со вработените во фабриката и со Синдикатот на „Фени“, а плановите за фабриката ги преставил и пред претставниците од Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството.

Меморандум за разбирање со условите за инвестирање во „Фени“ банките доставија и до британскиот фонд заинтересиран за фабриката, како и до и конзорциумот во кој учествува бугарски „Енекод“.

Додека трае правната процедура, стечајниот управник најави дека ќе исплати плата на вработените оти на сметката на фабриката веќе биде депонирани пари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП