7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСугарески: На транспортниот сектор од регионот му е потребна европска организација

Сугарески: На транспортниот сектор од регионот му е потребна европска организација

Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој претстојува во работна посета во Брисел како дел од владината делегација што ја предводи премиерот Заев, се обрати на министерскиот совет на земјите од Западен Балкан, основачи на Транспортната заедница.

Во рамки на обраќањето, Сугарески истакна дека Договорот за основање на транспортна заедница треба да обезбеди интеграција на транспортниот сектор на регионот со тој на Унијата, како една потврда на заложбите и поддршката на Европската Унија на политиката на проширување.

„Доколку се осврнеме на придобивките, предизвиците и очекувањата од претстојната имплементација на Договорот, најпрво сакам да истакнам дека ова е во согласност со започнатиот процес на интеграција на Република Македонија и нашите аспирации за членство во Унијата. Дополнително, глобализацијата и меѓузависноста на економиите, особено европските, во сите дејности вклучително и транспортот, претставува аргумент плус за претстојните реформи кои ќе бидат резултат на имплементацијата на Договорот”, рече министерот, во рамки на состанокот на кој присуствуваше и комесарката за транспортна политика на Европската комисија, Виолета Булц.

Потенцираше дека основањето на Транспортната заедница ќе ги забрза секторските реформи и либерализацијата на пазарите во земјите од Западен Балкан, додека на подолг рок ќе придонесе за подобра ефикасност и пониски трошоци на транспортните услуги.

Во рамките на посетата во Брисел, министерот Сугарески се обрати и на 13-от состанок на Министрите за транспорт во рамките на СЕЕТО мрежата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП