3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКадри од ЕЛЕМ ќе се усовршуваат во Словенија

Кадри од ЕЛЕМ ќе се усовршуваат во Словенија

elem

АД ЕЛЕМ ќе обучува кадри од областа на рударството и техничките науки со методи за јамска експлоатација на јагленот во Словенија. Меморандумот за соработка во областа на образованието и обука на стручен кадар го потпишаа генералникот директор на АД „Електрани на Македонија“, Дејан Бошковски и претседателот на УО на рудникот „Премоговник Велење“, Милан Медвед.

– Со овој познат  капацитет имаме одлични односи, и досега сме соработувале успешно во неколку проекти. Сметам дека нашите рударски инженери ќе имаат одлична можност, тука во Велење да ги научат најсовремените техники за подземна експлоатација на јагленот, изјави генералниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски, по потпишување на Меморандумот за соработка.

Медвед истакна дека во рудникот  имаат знаење, искуство, најсовремена опрема и сопствен ноу-хау. Со тоа, како што додаде, се отвораат нови можности за соработка со Македонија, како во областа на проектирање, така и во областа на образование и изработка на јамски копови. – Со претставниците од АД ЕЛЕМ се договоривме дека наскоро во Велење ќе организираме обуки за инженери во нашиот капацитет, рече Медвед.

Според управата на словенечкиот рудник за јаглен, македонскиот пазар е интересен затоа што забрзано се инвестира во нова технологија за експлоатација на јагленот, кој според Медвед, ќе биде еден од клучните енергенси во идните децении.

АД ЕЛЕМ и словенечкиот рудник „Премоговник Велење“ веќе воспоставија соработка за време на изведбата на геолошки и геотехнички доистражувања на јагленовото наоѓалиште Мариово во 2009  година. Изработен е и техноекономски Елаборат врз основа на изработени и ревидирани елаборати од извршените истражувања и испитувања на јагленовото наоѓалиште Мариово. Изготвен е и главен рударски проект за отворање, разработка и експлоатација на јагленот од наоѓалиштето Мариово со јамска експлоатација.

Во текот на 2012 година, како што соопшти ЕЛЕМ, беше вклучен стручен проектантски тим во време на изведба на геолошки и геотехнички доистражувања на јагленовото наоѓалиште Живојно. По изработката и ревидирањето на елаборатите од извршените истражувања и испитувања на јагленовото наоѓалиште Живојно, подготвен е техноекономски елаборат за јагленот од Живојно.

Рудникот „Премоговник Велење“ е отворен пред 137 години, од него се ископани над 220 милиони тони јаглен-лигнит.  Методот на експлоатација на јагленот во рудникот „Велење“ е патентиран и познат како „Велењски метод на откоп“ и тој се применува речиси на сите континенти.

Специфичноста во методот  е контролирано и ефикасно подземно ископување преку главниот верижен транспортер што овозможува големо производство на овој енергент.

Делегацијата на АД ЕЛЕМ  предводена од генералниот директор Дејан Бошковски која при работната посета во Словенија ја придружуваше и деканот на Факултетот за природни и технички науки Зоран Панов при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип,  ги посети јамите на рудникот Велење и непосредно се запозна со начинот на експлоатација на јагленот од овој капацитет.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП