4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБогдановиќ: Буџетот развоен и домаќински, скроен според желбите и интересите на жителите...

Богдановиќ: Буџетот развоен и домаќински, скроен според желбите и интересите на жителите на општина Центар

Развоен и домаќински буџет, според потребите на современото живеење, но и според желбите и интересите на жителите на општина Центар, најави Општината говорејќи за буџетот за 2018 година.

По тој повод беше организирана првата сесија на буџетскиот форум од страна на Центарот на заедницата на општина Центар и Општина Центар. Концептот „Општина по мерка на граѓаните“ ќе биде почитуван и при кроењето на тежината и трошењето на општинската каса, најавија од Општината.

„Отвореноста е суштина на квалитетна и транспарентна општина. ДУП-овите што ќе ги носиме ќе гарантираат квалитетни услови за живеење, а на максимално ниво ќе биде подигната безбедноста. Граѓаните се добредојдени со своите предлози и ќе може да одлучуваат за сè што се случува во локалната самоуправа. Ние советниците јавно ќе ги објавиме нашите имејл-адреси за да може граѓаните директно да комуницираат со нас“, рече претседателот на Советот на Општина Центар, Јана Белчева-Андрееска.

Раководителот на Секторот за финансии, Мира Чановиќ-Петровска, направи презентација за извршувањето на буџетот за 2017 година, а градоначалникот Саша Богдановиќ говореше за развојните планови, програми и политики на општината за наредната година.

Богдановиќ пред присутните граѓани и претставници на НВО-секторот истакна дека општината имала пречки поради централната власт, а особено, како што рече, со барокното лудило, кое се реализира во Центар и со демолирањето на општината. Во наредниот период преку новодонесените ДУП-ови Богдановиќ најави враќање во нормала, и, како што вети, ќе се гради според потребите на граѓаните.

„Со квалитетни ДУП-ови ќе успееме да имаме прилив, но не по секоја цена. Ќе се заложиме средствата наменети за налудничавиот проект „Скопје 2014“ да ги добиеме и да ги искористиме за многу попотребни и покорисни работи за центарци, како што се училишта, градинки, зеленило и за социјални потреби“, рече Богдановиќ.

Градоначалникот нагласи дека особена грижа во општината се води за најмладите, па така ќе се догради основното училиште „Гоце Делчев“, со што ќе се зголеми капацитетот на +140 ученици, а ќе се добие на квалитет.

„Сите училишта и градинки на територијата на општина Центар ќе бидат реконструирани, а децата ќе ги добијат најдобрите услови за престој, образование, воспитување и учење. Некои од средствата ќе бидат добиени од грантови и донации. И во наредниот период продолжува фасадирањето на зградите, со тоа што тие ќе добијат енергетски ефикасни фасади и голема заштеда, ќе се субвенционира поправањето на покривите за што се прават напори за добивање грант“, рече Богдановиќ.

Вети дека во оние места како Маџир Маало, Крњево и Кале, каде што е неопходна интервенција, ќе се направи реконструкција, во општината ќе бидат поставени штедливи светилки, а соодветни средства ќе бидат поделени за развој на спортот, културата, возрасните и младите. Ќе се решава и проблемот со паркирањето. Богдановиќ рече и дека ќе се работи да се тргне „Градски паркинг“ од центарските улици, ЈП ПОЦ да врши и комунални дејности, а онаму каде што е неопходно, ќе се поставуваат и монтажни паркинзи.

Граѓаните и невладините организации активно дискутираа со своите предлози за приоритетни проекти кои треба, доколку се издржани, да влезат во програмите и буџетот на Општина Центар за 2018 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП