23 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПавлески: Во Македонија има само 18 отсто квалитетна канализациска мрежа

Павлески: Во Македонија има само 18 отсто квалитетна канализациска мрежа

Податокот дека во Република Македонија има само 18 отсто покриеност со квалитетна канализациска мрежа е повеќе од алармантен. Ова го изјави заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, кој учествуваше на Конференцијата за национални политики и локални акциски планови за правичен пристап до вода и санитација.

Според него, ваквата реалност е резултат на долгогодишниот моноцентричен развој на државата и само Скопје и поголемите урбани центри ги имаат обезбедено комуналните јавни услуги на задоволително ниво, а дури и во градот Скопје има огромни разлики меѓу градското јадро и селата.

„Согледувајќи го проблемот, Владата во буџетот за 2018 година обезбеди 100 милиони денари повеќе или над 60 отсто зголемени средства за рамномерен развој во однос на минатата година или во 2018 година 6 милиони евра преку Министерството и Бирото за регионален развој ќе бидат насочени за развој на планските региони, од кои 70 проценти за развој на планските региони, 20 проценти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и 10 за развој на селата. Сите граѓани имаат право на еднаков пристап до јавните услуги, без разлика каде живеат, затоа политиката на Владата е поинтензивно финансирање проекти во области за кои е констатирано дека се приоритетни, како што се водоснабдувањето, одведување на отпадните води и складирање на цврстиот отпад“, рече Павлески.

Министерот без ресор, Зоран Шапуриќ, нагласи дека 90 проценти од граѓаните во земјата имаат пристап до вода за пиење, но со одредени ризици во некои подрачја, на што е потребно да се работи во координација со надлежните институции.

„Потребно е системот да се надградува во согласност со обврските што произлегуваат од рамковната директива за води на Европската Унија, која бара повисоки стандарди, што е обврска и за централната и за локалните власти“, рече Шапуриќ.

На Конференцијата беа презентирани наоди од истражувањето направено во градот Скопје и во општините Куманово и Велес, како и подготвените локални акциски планови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП