18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо платежната агенција се потребни нови 69 вработувања

Во платежната агенција се потребни нови 69 вработувања

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска одржа работен состанок со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, и со раководителите на секторите во Агенцијата. На состанокот беше презентирана моменталната состојба на функционирање на Платежната агенција, како и проблемите со кои се соочува.

Се заклучи дека главен проблем е дефицитот со човечки ресурси.

„Веќе се создадени услови за веднаш да се започне со вработувања во Платежната агенција, и процесот ќе се одвива етапно, во фази. Од 2007 година се немало слух за одливот на кадри од Платежната агенција. Незамисливо е во една институција како што е Платежната агенција, каде што има голем број софтвери, кои се важни за реализација на мерките од Националните Програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во ИТ-секторот да работат само 4 луѓе. За да се реши овој проблем со дефицит на човечки ресурси, потребни се измени на Закон за Платежна агенција, на што забрзано се работи. Токму во однос на кадровската екипираност во важна Агенција, преку која се спроведуваат и мерките од европската ИПАРД Програма, имаше директни и недвосмислени укажувања и од Брисел“, изјави министерот Николовски.

Директорот на Платежната Аагенција, Бабовски посочи дека Агенцијата бара нови 69 вработувања и 29 унапредувања на постоечкиот кадар.

„За само два и пол месеци од Платежната агенција поради ниски плати си заминаа пет висококвалификувани кадри. Во Агенцијата има професионалци кои се уште се со статус помлади соработници, и изминативе години воопшто не биле унапредени. Тоа мора да се промени, затоа што функционирањето на оваа Агенција е важно за реализацијата на субвенциите од нашите Програми, но и за искористување на европските фондови“, изјави директорот Бабовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП