10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Скопје се одржа средба на царинските служби од Западен Балкан

Во Скопје се одржа средба на царинските служби од Западен Балкан

Од 30 ноември до 1 декември 2017 година, во организација на Царинската управа и со поддршка на УСАИД и Светска банка/ИФЦ во Скопје се одржa неформален регионален состанок на директорите на царинските управи од Западен Балкан. 

Главната цел на состанокот беше подготовка на заеднички пристап на царинските служби од регионот со цел унапредување на економската соработка во Западен Балкан, во контекст на Берлинскиот процес и самитот во Трст, што се одржа во јули 2017 година, каде беше изготвен повеќегодишен акциски план за справување со проблемите со кои се соочува Западен Балкан, преку прифаќање на идејата за создавање регионална економска област и ЕУ-фондови за поддршка на инфраструктурата во овие земји.

Покрај високи претставници на царинските управи на Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, на неформалниот состанок присуствуваа и високи претставници на УСАИД, Светска банка, Секретаријатот на ЦЕФТА и Советот за регионална соработка.

Како резултат на поддршката на Владата на идејата за создавање регионална економска област на 30 ноември 2017 година пред учесниците на неформалниот состанок поздравно обраќање имаше премиерот Зоран Заев, кој истакна дека царините имаат клучно значење во обезбедувањето непречен проток на трговијата, примена на потребните контроли, заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните и дека отворањето на царинските служби од Западен Балкан за меѓусебни консултации, координации и активности ќе го олесни протокот на стоки, услуги, капитал и висококвалификувана работна сила.

Обраќање имаше и министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој посочи дека со воспоставување регионална економска област ќе се постигне еден единствен заеднички пазар каде што движењето на стоката ќе биде значително олеснето, а за тоа да се случи, потребни се институционална подготовка и зајакнување на Царинската управа, што е предвидено со програмата за управување со јавните финансии 2018-2021 на Министерството за финансии.

Свое обраќање имаше директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, кој истакна дека заемната соработка помеѓу царинските служби претставува многу важен сегмент за успешно работење и дека размената на мислења, искуствата и најдобрите практики во царинското работење води кон ефикасни решенија и подобри резултати и во таа насока соработката со меѓународните и донаторските организации, активни во областа на олеснувањето на трговијата, обезбедува дополнителни ресурси и стручност за реализација на поставените цели.

Неформалниот состанок продолжи и на 1 декември кога обраќање имаа и директорот на Канцеларијата за генерален развој на УСАИД во Македонија, Едвард Гонзалез, менаџерот на Светска банка/ИФЦ во Македонија, Зоран Мартиновски, експертот од Советот за регионална соработка, Ивана Гардашевиќ, и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.

Во рамките на состанокот беа споделени најдобрите практики и искуства во врска со заедничкиот пристап кон предизвиците со кои се соочуваат царинските управи од Западен Балкан, a со цел да се спроведат активностите од повеќегодишниот акциски план, што предвидува отстранување нетарифни бариери, поедноставување и модернизација на царинските процедури, намалување на формалностите, ефикасна размена на податоци на регионално ниво, унапредување на програмите за меѓусебно признавање на документите и постапките на граница вклучувајќи го и овластениот економски оператор. Наредниот состанок на директорите на царинските управи од Западен Балкан ќе се одржи во мај 2018 година во Тирана.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП