2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАOпштините ќе добијат поголеми овластувања и повеќе финансии

Oпштините ќе добијат поголеми овластувања и повеќе финансии

Речиси 200 претставници од локалната и централната власт учествуваа на Националниот форум за градоначалници, кој се одржа денеска и вчера во Струга. За време на Форумот, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии, 79 градоначалници имаа можност на едно место и во отворен дијалог со премиерот Зоран Заев и министрите да дискутираат за приоритетите и потребите на општините.

„Разговарајте со граѓаните и граѓанското општество на искрен начин и со почит. Излезете надвор, слушнете ги вашите сограѓани што имаат да кажат и заеднички најдете ги решенијата“, рече Заев, кој не само што ги претстави владините приоритети туку сподели и совети и искуства од дванаесетгодишното искуство на локално ниво како градоначалник на Струмица.

„Локалните заедници се срцето на развојот и демократијата“, рече постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон. „Општината е местото каде што се создава квалитетот за животот на граѓаните.”

Самуел Жбогар, шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, истакна дека патот кон решавање на локалните проблеми е тежок, но води кон подобар живот за граѓаните.

Премиерот Заев најави дека Владата ќе работи заедно со градоначалниците за вистинска децентрализација преку пренесување на надлежностите и обезбедување поголемо финансирање за локалниот развој. „Не постои причина зошто капиталните инвестиции, на пример, во образованието, да не бидат во рацете на општините или планските региони. Вие подобро знаете каде се потребни пари“, рече Заев.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, вети дека ќе работи на создавање услови за финансиска стабилност на општините и проширување на надлежностите, кои може поефикасно да се спроведуваат на локално ниво.

Форумот ги отвори прашањата што ги мачат поголемиот број општини, недостиг на финансиски и човечки ресурси, а некои од општините се во долгови и со блокирани банкарски сметки.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој е нов претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, истакна дека повеќето градоначалници имаат наследено политизирана администрација со голем број вработени, но со недостиг на потребните вештини.

Имајќи ги предвид овие состојби, Заев најави план за помош на општините во справување со долговите од над 200 милиони евра упатувајќи порака до градоначалниците да се воздржат од политизација на администрацијата и да применат креативност во надминувањето на предизвиците. „Може ќе заминете од функцијата посиромашни, но ќе бидете посреќни“, рече Заев.

Националниот форум на градоначалници е дел од програмата за децентрализација, финансирана од Европската Унија, со наслов „Подобрување на општинското управување“ и е прв од серијата настани што УНДП ќе ги организира во претстојните три години за да се помогне на локалната самоуправа да им дава подобри услуги на граѓаните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП