23 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛондон се спротивстави на предложениот рок од страна на Туск за напредок...

Лондон се спротивстави на предложениот рок од страна на Туск за напредок на Brexit

Велика Британија се спротивстави на барањата на Европската унија (ЕУ) да упати подобра понуда за условите за разделбата до 4-ти декември, што сугерира дека има ризик пред очекувањата за пробив во преговорите за „Brexit“, пренесува „Bloomberg“.

Минатата недела, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и даде на Велика Британија 10-дневен ултиматум да ги подобри своите планови за приоритетите во договорот меѓу двете земји – плаќањето на т.н. сметка за „Brexit“, заштита на правата на граѓаните на ЕУ и одлуката за границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска. Во петокот ЕУ рече дека ќе го процени напредокот на Британија на 6-ти декември.

Премиерот Тереза ​​Меј ќе патува во Брисел во понеделник (4-ти декември) за средби, за која има очекувања дека ќе биде моментот кога Лондон треба да предложи план за надминување на застојот во преговорите.

Ова требаше да и даде на ЕУ време да се подготви за официјално прогласување дека разговорите можат да преминат кон идниот трговски договор по одлука на Европскиот совет во средината на декември. Меѓутоа, во петокот, кабинетот на Меј се дистанцираше од распоредот на Туск.

„Секогаш сме велеле дека работиме (во рок) за Европскиот совет, кој е на 14-ти декември“, изјави портпаролот на Меј, Џејмс Слак пред новинарите во Лондон во одговор на прашањето дали премиерот го има усвоено крајниот рок од 4-ти декември.

Изнаоѓање на начин да се задржи ирската граница отворена по „Brexit“ се покажа главна проблематична точка, а Даблин сигнализира дека исто размислува како краен рок 14-ти декември. Ирскиот министер за надворешни работи, Симон Ковини, рече дека договорот е „остварлив“ во наредните денови, иако потребни се повеќе напори.

Разговорите за идните трговски односи меѓу ЕУ и Велика Британија нема да започнат сé додека не се постигне „значителен напредок“ во однос на условите за раздвојување. Ако ова не се случи пред состанокот на Европскиот совет, некои британски официјални лица стравуваат дека иднината на преговорите ќе биде изложена на ризик.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП