4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрад Скопје подготвен за справување со последиците од обилните врнежи од дожд

Град Скопје подготвен за справување со последиците од обилните врнежи од дожд

Претставници од Град Скопје, јавните градски претпријатија, Противпожарната бригада на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и од Регионалниот центар за управување со кризи утрото се состанаа по обилните врнежи кои го зафатија Скопје во текот на изминатата ноќ. На средбата се координираа активностите за превентивно дејствување за заштита од можни излевања на реката Вардар во Скопје.

„Денеска во утринските часови нивото на реката Вардар се подигна, а во делот на скејт-паркот, реката се прелеа во мајор коритото. Нашите екипи веќе извршија увид на состојбата на теренот и утврдија три критични точки: на потегот од скејтпаркот до мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“, под зградата на ПИОМ и во Долно Лисиче, каде што завршува регулацијата на реката Вардар“ изјави Емил Дуровиќ, началникот на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје.

Тој додаде дека градбите и градежните активности што се дел од проектот „Скопје 2014“, а се преземаат во коритото на реката на потегот од мостот „Гоце Делчев“ до Камениот мост, видливо ја намалуваат проточноста на коритото и создаваат проблеми при надојдена вода.

Исто така, тој нагласи дека веќе се подготвуваат околу 10.000 вреќи со песок кои набргу ќе почнат да се поставуваат на критичните точки: на потегот од скејтпаркот до мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“ и кај ПИОМ, зашто во текот на ноќта се очекуваат уште поинтензивни врнежи.

„Работници од јавните градски претпријатија со механизација веќе се на терен и го санираат насипот меѓу Горно и Долно Лисиче, кај железничкиот мост, кој што пред две години го подигнаа екипите на ЈП „Улици и патишта“, а кој во меѓувреме беше уништен од несовесни граѓани на должина од 150-200 метри. Подготвени се и пумпи за исцрпување вода, и тоа 4 големи пумпи со капацитет од 8.700 литри вода/минута, како и 40-тина помали пумпи, кои ќе се стават во функција ако за тоа се јави потреба. Штабот за заштита и спасување на Град Скопје ќе дежура во текот на 24 часа и ќе ја следи состојбата на теренот, во соработка со Регионалниот центар за управување со кризи. Сакаме да нагласиме дека Градот Скопје е подготвен да се справи со оваа состојба и дека нема место за паника“ – изјави Дуровиќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП