6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМеѓународен ден за борба против СИДА, граѓанскиот сектор клучен во контролата на...

Меѓународен ден за борба против СИДА, граѓанскиот сектор клучен во контролата на ХИВ

Aктивностите на граѓанскиот сектор се носечки дел од националната програма и без нив не би била можна контролата на ХИВ во Република Македонија, беше констатирано на денешната прес-конференција по повод 1 декември – Светскиот ден на СИДА.

Граѓанските организации што работат на терен ја поздравија одлуката на Владата и на Министерството за здравство да ги одржат во целост овие активности и да обезбедат буџет за ХИВ со што се очекува дека програмите ќе продолжат и во иднина.

„Ние, како граѓански сектор, очекуваме да се исполнат во целост заклучоците донесени од Владата минатиов септември, а тоа е да профункционира механизам на долг рок за финансирање вакви активности на граѓански организации кои се клучни за јавното здравје и во рамки на Министерството за здравство, по примерот на други министерства и единици на локалната самоуправа. Исто така, очекуваме да се унапреди начинот на кој се обезбедуваат антиретровирусните лекови во државата, со што ќе се гарантира сигурна и континуирана достапност на терапијата за пациентите. Ги поздравуваме чекорите што веќе ги презедоа Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и Клиниката за инфективни болести за да се обезбеди сите неопходни лекови да бидат регистрирани во државата и конечно да бидат ставени на позитивната листа”, истакна Андреј Сених од Платформата за ХИВ.

Иако Македонија има ниска стапка на ХИВ-инфекција, сѐ уште постојат преостанати предизвици, но и преземени обврски и можности до 2020 година за остварување на глобалната цел, а тоа е дури 90% од сите лица инфицирани со вирусот да го знаат својот ХИВ-статус за да можат да пристапат кон лекување и терапија. На тој начин, по 2020 година инфекцијата целосно би ја ставиле под контрола, драстично би опаднал бројот на нови инфекции и би се стабилизирал бројот на лица што имаат потреба од терапија, а со тоа би опаднале трошоците за лекување.

Вечерва со добротворен настан и музичка програма во Клуб-ресторанот на МКЦ во 20.00 часот ќе биде одбележан денешниот ден. Настанот е отворен за сите добронамерни граѓани и компании, а го организираат „Заедно посилни“ и партнерите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП