30 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев: Владата е достоинствен партнер и ваш сервис, честитки за компаниите што...

Заев: Владата е достоинствен партнер и ваш сервис, честитки за компаниите што се меѓу топ-100

Сметајте на вашата Влада како достоинствен партнер и ваш сервис, порача претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, при обраќањето на настанот „Топ-100 компании“ во организација на Стопанската комора на северозападна Македонија и упати честитка до компаниите што се помеѓу првите 100.

Рече дека примарната одговорност на менаџментот е да обезбеди услови за да се реализира циклусот во кој инвестицијата ќе возврати со профит.

„Тоа е еден од предусловите за создавање можности за пораст на платите како еден од двигателите на економскиот раст, што е врвен приоритет на економската политика на Владата. За да го забрзаме и да го добиеме трендот на посакуваниот економски раст, во програмата за економски раст на Владата на Републиука Македонија се предвидени повеќе мерки за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор“, изјави Заев.

Претседателот на Владата појасни дека некои од тие мерки биле креирани во непосредна консултација и со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија и со другите комори во земјата, а како дел од нив ги издвои поддршката за новокреирани работни места со плата 50 отсто повисока од минималната, понатаму поддршката за високоплатените кадри кои се стручни во професии од клучно значење за развојните перспективи на компаниите, како што се професионалците од информатичката технологија, како и поддршка за формирање развојни центри во приватниот бизнис.

„Иницијативноста и иновативноста на компаниите, со поттикот што доаѓа од стимулативните мерки на економската програма на Владата, има цел создавање фер и еднакви услови за сите за остварување на тој циклус. Како дополнителен влог на компаниите останува одговорноста кон вработените во однос на платите и во однос на стимулирачкото работно опкружување. Создавањето мотивирачки работни услови не треба да се перципира како трошок, туку како инвестирање за поголема продуктивност и за нов раст на профитот на компаниите. Во конкурентен пазарен амбиент потрошувачите треба да бидат главна грижа на менаџментот. Стоките и услугите мора да бидат со соодветен стандард и квалитет и да се испорачуваат соодветно на очекувањата на потрошувачите“, истакна Заев.

Потенцира дека како дел од нивната општествена одговорност, компаниите мора да сметаат на законско работење, на чесно плаќање на сите обврски кон државата, а владините политики мора да се фокусираат и да произлегуваат од постојаниот отворен дијалог со бизнис-заедницата за создавање услови за натамошен раст и за поуспешно премостување на предизвиците со кои компаниите се соочуваат на терен.

„Ова е особено важно ако се имаат предвид потенцијалите на првите 100 рангирани компании членки на Стопанската комора на северозападна Македонија, кои само во 2016 година имале обрт од 661 милион евра, добивка од речиси 43 милиони евра и приближно 6.000 вработени лица. Тоа се бројки за почит и ја потврдуваат општествено одговорната улога на менаџментот на овие компании во однос на благосостојбата на заедницата и на граѓаните во средините во кои егзистираат и работат, кои имаат влијание и во вкупното општествено живеење во Република Македонија“, истакна Заев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП