21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев-Хемшкерк: Светска банка стои на располагање за реализацијата на владините реформи

Заев-Хемшкерк: Светска банка стои на располагање за реализацијата на владините реформи

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, од вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и од министерот за финансии, Драган Тевдовски, оствари средба со извршниот директор на бордот на директори на Светска банка, одговорен за конституантата од 13 земји, Франк Хемшкерк.

Заев пред Хемшкерк истакнал дека Владата е посветена и како приоритет го има реконструирањето и подобрувањето на инфраструктурата во Република Македонија како основен предуслов за развој на економијата, соопшти владината прес-служба.

Претставувајќи ги приоритетните заложби на Владата, премиерот истакнал дека оваа Влада ќе ги искористи сите резерви и капацитети за да го зголеми БДП, да отвори повеќе работни места и да привлече повеќе капитални инвестиции во земјата.

Тој исто така посочил дека инфраструктурните проекти се дел и од приоритетите на ЕУ, која поддржува поквалитетно поврзување на целиот регион, а Македонија нема друга иднина, освен како дел од Европската Унија и НАТО.

Заев истакнал дека Светска банка е традиционален партнер на Република Македонија и Владата е спремна да ја продолжи соработката со оваа престижна финансиска институција.

Хемшкерк на средбата ги презентирал можностите за понатамошна соработка и поддршка на владините реформи во делот на инфраструктурата, образованието, здравството, енергетската ефикасност, како и во делот на поддршка на владините напори за привлекување странски и домашни инвеститори нагласувајќи дека на силна влада ѝ требаат иновативност и упорност во креирањето нови работни места.

Споделувајќи ги своите сознанија за позитивниот тренд од почнатите реформи на Владата, тој истакнал дека ќе се заложи Република Македонија да ги добие најдобрите услови за понатамошна соработка со Светска банка, што ќе значи и сигурност за сите потенцијални инвеститори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП