27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев на средба со „Дојче телеком“: Владата воспостави стабилна инвестициска клима

Заев на средба со „Дојче телеком“: Владата воспостави стабилна инвестициска клима

Владата воспостави стабилна инвестициска клима за побрз развој на сервисите и апликациите во телекомуникациите за олеснување на животот на граѓаните, е истакнато на средбата што ја остварил премиерот Заев со Шрини Гопалан, член на Управниот одбор на „Дојче телеком“ за Европа и главниот извршен директор на „Македонски телеком“, Андреас Елснер, информираат од владината прес-служба.

„На нашата земја ѝ е потребен пораст на домашниот бруто-производ поголем од пет проценти и тоа можеме да го постигнеме само со охрабрување на компаниите да инвестираат и да отвораат нови работни места за да се подобри животот на граѓаните во секој сегмент“, истакнал премиерот оценувајќи дека „Дојче телеком“ е многу важен инвеститор во Република Македонија со кого треба искрено да се соработува и да се гради професионален однос.

На средбата претставниците на обете страни посочиле дека соработката во областа на телекомуникациите во иднина ќе се интензивира и дека во земјата се чувствуваат услови и подобрена бизнис-клима како важен предуслов за ваков тип соработка.

Состанокот бил искористен и за разговори во врска со идните перспективи за дигитализација на Република Македонија, е-Влада, е-здравство, е-администрација и воведувањето апликации и активности во проекти, како паметни градови, паметно осветлување, паметно паркирање и во проекти што го олеснуваат животот на граѓаните за побрзо доаѓање до документи, известувања и друго, информираат од Владата.

На крајот било заклучено дека Македонија располага со значајни технички и човечки капацитети и постојат услови за воведување на најновите телекомуникациски трендови и остварување на современите потреби на граѓаните.

На состанокот присуствувале и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, владиниот претставник во Собранието на акционерите на „Македонски телеком“ АД Скопје и Горан Трајановски, член на Одборот на директори и кандидат на Владата на РМ за главен оперативен директор на Друштвото.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП