3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМИОА и Велика Британија потпишаа меморандум за соработка

МИОА и Велика Британија потпишаа меморандум за соработка

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Чарлс Гарет, потпишаа меморандум за соработка меѓу владите на Република Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Манчевски му се заблагодари на Гарет за помошта и експертизата што ја обезбедува владата на Обединетото Кралство како особено важна за процесот на реформа на јавната администрација потенцирајќи дека Обединетото Кралство е еден од најголемите стратешки партнери на Македонија.

Гарет истакна дека новиот проект е во насока на подобрување на функционирањето на јавната администрација. Велика Британија ќе ги сподели своите искуства сè со цел овозможување професионална државна служба, која непристрасно, отворено и отчетно ќе работи за доброто на граѓаните.

Со потпишувањето на овој меморандум започнува имплементацијата на проектот „Модернизација и трансформација на јавната администрација“ со буџет од 248. 830 фунти. Проектот ќе се спроведува до март 2018 година, со можност за продолжување и во следните години.

„Во рамките на нашето Министерство веќе е формиран тим кој ќе работи на имплементација на проектот, заедно со претставниците на Центарот за управување со промени, како и со претставниците на Генералниот секретаријат како институција, која ќе биде учесник во проектните активности“, истакна Манчевски.

Од МИОА информираат дека основна цел на новиот проект е поддршка во реформата на јавната администрација, при што реализацијата ќе се спроведува во тесна соработка со МИОА и други релевантни инстутуции. Самите активности поконкретно се поделени во 4 компоненти, како што се: стратешко планирање и годишни работни планови на Министерството, управување со човечки ресурси, подобра регулатива и процена на влијанието на регулативата и отворена Влада – што се однесува на транспаретноста и отчетноста како едни од основните столбови на политиките на Владата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП