„Алкалоид“, „Рехау“, „Арс Ламина“, „Просветно дело“, „Кожувчанка“, „Македонија осигурување“, „Канапе кетеринг“, покажаа дека се општествено одговорни компании.
„Да извлечеш насмевка на лицата на овие деца, тоа е најважно. Овие ученици цел живот ќе го паметат овој ден, кога некои хумани луѓе им донесоа книги, тетратки, боички, лектири, топки, хулахопи, многу подароци. Со овие зборови нѐ пречекаа наставниците од основното училиште во кумановското село Бајловце кога екипата на Факултети мк. им ги достави донациите од неколку македонски компании.
По објавувањето на текстот за децата од неколку села од Општина Старо Нагоричане, кои пешачат и зиме и лете по неколку километри дневно до локалниот пат каде што ги чека превоз до училиштето, неколку македонски компании решија да им ја подобрат наставата.
Книги, лектири, тетратки, атласи, глобуси, географски карти, надгледни средства за физичко, вода, средства за хигиена се само дел од донациите што им ги доставивме до училиштето. Компаниите „Рехау“, „Алкалоид“, „Арс Ламина“, „Просветно дело“, „Кожувчанка“, „Македонија осигурување“, „Канапе кетеринг“, покажаа дека се општествено одговорни компании и веднаш одговорија на повиците за помош на неколкуте наставници и 14-те ученици. Бидејќи во селото нема чиста вода за пиење, „Кожувчанка“ секој месец ќе им доставува вода.