28 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИMicrosoft планира да го реновира својот кампус за неколку милијарди долари

Microsoft планира да го реновира својот кампус за неколку милијарди долари

Технолошкиот гигант „Microsoft“ планира обнова на својот главен кампус во Редмонд, Вашингтон, во вредност од неколку милијарди долари, додавајќи простор за уште 8.000 вработени и создавајќи зони за заедничка работа и одмор. Компанијата планира реновирање во момент во кој се обидува да го следи растот во ангажирање на работници и трендовите во отворениот канцелариски простор, коментира „Bloomberg“.

Според планот, кој ќе трае помеѓу 5 и 7 години, ќе бидат срушени 12 ниски згради во срцето на оригиналната централа на компанијата, кои ќе бидат заменети со 18 нови згради, од кои многу од нив ќе бидат двојно повисоки, изјави претседателот и главен правен директор Бред Смит во едно интервју. Со додадениот простор, кампусот ќе биде еднаков на 180 фудбалски игралишта.

Главниот извршен директор Сатја Недела се обидува да ја „потресе“ работната култура во најголемиот производител на софтвер во светот, претворајќи го во отворена средина со помалку вработени во затворен тип канцеларии. Новиот дизајн ќе вклучува заеднички простор за меѓу 8.000 и 12.000 луѓе на отворен плоштад и отворени области, вклучувајќи патеки за трчање и прошетки, спортски објекти и зелени површини. Компанијата има околу 47.000 вработени во Вашингтон.

„Се фокусиравме на културната трансформација на компанијата. Ние сакаме да создадеме работен простор кој ја поддржува културата што ја создаваме“, вели Смит. „Работно место што ги поттикнува луѓето да бидат креативни, да работат заедно и да учат едни од други“, додава тој.

Зградите ќе бидат поблиску една до друга и паркингот ќе се премести под земја. Генерално кампусот ќе биде создаден повеќе за пешаци и за употреба на локален трамвај. Проектот ќе создаде околу 2.500 нови работни места во процесот на градење и развој, рекоа од „Microsoft“.

Промените ќе ги отстранат оригиналните згради во форма на „Х“, во кои основачот и поранешен извршен директор Бил Гејтс ја пресели компанијата во 1986-та година, непосредно пред да стане јавна. Планот на овие згради сепак е толку збунувачки, така што вработените се шегувале дека наоѓање на канцеларија во нив е тест за интелигенција, за да почнеш со работа во „Microsoft“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП