4 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИСиндикатот повторно бега од реалноста и работниците, судбината на ФЕНИ ќе ја...

Синдикатот повторно бега од реалноста и работниците, судбината на ФЕНИ ќе ја крои инвеститор без пари?

Судбината на задолжениот гигант од металската индустрија – ФЕНИ од Кавадарци ќе се решава утре на судско рочиште во Велес. На барање на бугарската компанија „Енекод“ кој тврди дека е сопственик на „Фени“, пред две недели беше запрена постапката, а Бугарите бараа изземање на велешкиот суд.

Токму финансиската состојба на бугарската компанија го запали алармот кај дел од работниците на комбинатот за фероникел, кои велат дека ФЕНИ се обидува да го „спаси“ компанија која според достапните податоци располага со капитал од само 280.000 евра, а во првите шест месеци од годинава веќе направила загуба од 600.000 евра!

Според работниците, не е јасно како е можно бугарската компанија со оваа вредност да се претставува како спасител на ФЕНИ, чии долгови изнесуваат 65 милиони евра.

Претставниците на „Енекод“ веќе неколку недели во јавноста изјавуваат дека ФЕНИ е во нивна сопственост, но во реалноста тие немаат поднесено никаква понуда за купување на комбинатот. Според извори упатени во предстечајната постапка, „Енекод“ воопшто и не планира да поднесе понуда туку и понатаму постојано певзема мерки за понатамошно одложување на стечајната постапка, која не е во корист ниту на вработените кои два месеци се без плата, ниту на кредиторите кои во меѓувреме ги покриваат трошоците за основно функционирање на топилницата.

Според овие извори, однесувањето на „Енекод“ внесува забуна во целиот процес, затоа што компанијата неколку месеци можеше, а не даде понуда за ФЕНИ. Евентуалната понуда во последен момент, според овие извори, би послужила само како средство за уште едно одложување на процесот.

Голем дел од работниците реагираат и на однесувањето на синдикалниот претставник Ѓоре Палитов, за кого велат дека од почетокот ги застапува интересите на „Енекод“ и воопшто ја нема поддршката на вработените. Палитов, според работниците, и денешната изјава ја дал скришно, без знаење и согласност на неговите колеги, и ништо од она што го кажал во неговата изјава не е во согласност со ставот на вработените кои бараат брза судска разрешница и уште побрза стечајна постапка.

Работниците велат дека ако „Енекод“ веќе е сопственик на ФЕНИ како што се претставува, требало да исплати плата од свои средства, наместо да бара парите од поврат на ДДВ да се искористат за исплата на вработените.

Наспроти ставот на претседателот на Синдикатот, и покрај бројните опструкции и закани од менаџментот, вработените во ФЕНИ велат дека се подготвуваат утре да се појават во судот во Велес и да дадат поддршка на судската власт за донесување на одлука која би требало што побрзо да резултира со преземање од сериозен инвеститор и исплата на заостанатите плати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП