Со цел обезбедување поддршка во надминувањето на предизвиците поврзани со поплавите во Полошкиот Регион, вчера и официјално беше најавен новиот проект „Намалување на ризикот од поплави во Полошкиот Регион“.
Проектот е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија, а ќе се реализира во наредните четири години од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, општините од регионот и голем број институции на национално и локално ниво.
Целта на овој амбициозен проект е да поттикне суштинска промена во управувањето со ризикот од поплавите во регионот забрзувајќи го преминот од сегашниот пристап на реактивен ад хок одговор на поплавите кон систем на интегрирано управување со опасноста, ранливоста и изложеноста на населението и добрата, со цел да се спречат и намалат влијанијата од идните поплави.
– Неодамнешните катастрофални поплави што го зафатија овој регион, како и трагичните последици со кои моравме да се соочиме, укажаа на потребата од суштинска промена во начинот на кој управуваме со водите и последиците од нив – истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, во воведното обраќање.
Постојниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, изјави дека целта е кога ќе дојдат следните дождови, без разлика дали тоа ќе се случи во наредните 10, 100 или 1.000 години, регионот да биде подготвен.
Денеска беше потпишан и договор помеѓу владите на Македонија и Швајцарија за доделување техничка и финансиска помош за реализација на проектот „Подобрување на услугите за управување со отпад во Полошкиот Регион“. Проектот е во вредност од 1.900.000 швајцарски франци и треба да заврши до јуни 2020 година.