Македонското Собрание вчера беше осветлено во портокалова боја заедно со други значајни знаменитости на планетата и со тоа стана дел од глобалната кампања за поддршка за ставање крај на насилството врз жени и девојчиња, со што беше означен почетокот на „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
На настанот организиран од Обединетите нации и Собранието на РМ се обратија претседателот на парламентот, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и Луиза Винтон, постојната претставничка на УНДП во Македонија.
Претседателот на Собранието, Џафери, истакна дека во нашето општество сè уште се присутни предрасудите и стереотипите кога станува збор за родовата рамноправност, сè уште се присутни семејното насилство и други негативни појави во кои жртви се жените и девојките. Според него, Собранието најмногу може да придонесе и да одигра значајна улога во борбата против оваа појава користејќи ги механизмите кои ги има на располагање согласно со Уставот, законите и деловникот, а тоа се јавните дебати, надзорните расправи сè до иницирање законски процедури за измени и дополнувања на законите или донесување нови законски решенија за оваа проблематика.
– Родовата рамноправност е динамична категорија која треба постојано да се следи и надградува. Како субјекти сме обврзани на еден активен пристап во борбата против какво било насилство врз жените почнувајќи од домашните насилства па сè до меѓународната трговија со луѓе, пред сè со жени и девојки кои најчесто се ставаат во класично сексуално ропство. Тој активен пристап, никако не смее да застане само на овие шеснаесет дена, туку треба континуирано да се практикува, сè додека не прерасне во секојдневна навика и грижа за ова категорија луѓе – рече Џафери.
Премиерот Заев од името на Владата порача дека никој не треба да биде изоставен и дека треба да се стави крај на насилството врз жените и девојките.
– Насилството врз жените е кршење на човековите права. Ние како Влада ветивме пред граѓаните на РМ дека ќе работиме на унапредување на човековите права и затоа сме посветени на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените. Работиме на јасни и недвосмислени законски решенија со кои се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство. Донесовме одлука за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство. Исто така, се унапредуваат потребните услуги за поддршка и заштита на жените жртви на насилство – рече Заев.
Постојаната координаторка на ОН во земјата, Луиза Винтон, цитирајќи ја денешната изјава на генералниот секретар на Светската организација, истакна дека насилството врз жените во основа се однесува на моќта и тоа ќе сопре само кога родовата еднаквост и целосното јакнење на жените ќе станат реалност.
– Собранието е вистинското место каде треба да се биде денеска бидејќи тоа не е само „дом на граѓаните“ и храм на демократијата туку и институција од која очекуваме да направи голем исчекор напред во однос на потребата да се елиминира насилството врз жените по пат на брза ратификација на Истанбулската конвенција – рече Винтон.