Со 324 барања од граѓаните на подрачјето на Град Скопје за субвенции за купување печки на пелети, заклучно до вчера, заврши јавниот повик за надоместување дел од трошоците, соопштуваат од Град Скопје и информираат дека комисијата веќе ги разгледува пристигнатите барања и врши увид на инсталираните печки кај барателите коишто ги исполниле условите наведени во објавениот Јавен повик што траеше од 15 до 22 ноември.
Град Скопје појаснува дека овој повик бил со цел, Градот да ги стимулира жителите да користат обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени.
Додаваат дека со овој јавен повик, кој се реализира по принципот „прв дојден прв услужен’’, ќе се обезбеди поврат на средства за купување печки на пелети во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход.
Право на учество на овој Јавен повик имаа жителите на Скопје во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, коишто купија печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на Јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и поднесоа барање за искористување на правото за надоместок.
На Јавниот повик немаа право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите.