4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев-Борисов: Испраќаме силна порака во регионот и во светот дека вака се...

Заев-Борисов: Испраќаме силна порака во регионот и во светот дека вака се гради пријателство (видео)

Претседателите на владите на Република Македонија и на Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, одржаа прес-конференција на која информираа за резултатите од заедничката седница на владите на двете земји што денеска се одржа во Струмица, како и за заедничката декларација од првата средба меѓу владите, во која се нотирани заложбите за унапредување на соработката во сите сфери.

Заев истакна дека со оваа заедничка седница владите на Република Македонија и Република Бугарија застануваат една до друга во ефектуирање на договорот за пријателство, добрососедство и соработка и дека со изразената политичка волја се активира уште еден од моторите што треба да го повлечат целиот регион напред.

– Оваа свест што ја имаме како влади за нашата историска одговорност да одговориме на моментот што отвора перспективи е значајна за нашите билатерални односи, е значајна за евроинтеграциите на Македонија и значајна за евроинтеграциите на регионот. Но, пред сè, почитувани граѓани на двете држави, ние како политички раководства испраќаме силна порака во регионот и во светот: дека вака се гради пријателство, вака се негува добрососедство, вака се развива соработката, вака се сакаат своите граѓани и вака се обезбедува долгорочна стабилност – истакна премиерот Заев.

Како што информира Заев, на заедничката седница било разговарано за продлабочување на соработката во областа на економијата, енергетиката, инфраструктурата, прекуграничната соработка, потребните реформски процеси за европските и евро-атлантските интеграции.

Премиерот се осврна и на потпишаната заедничка декларација, во која се нотирани сите заложби на двете страни за унапредување на соработката во сите сфери.

– Со декларацијата ја потврдуваме желбата за зајакнување на односите во сите сфери, во духот на отвореност и доверба, меѓусебно почитување и разбирање. Ја нагласуваме важноста на добрососедските односи и активната регионална соработка како основа за трајна стабилност и безбедност во Југоисточна Европа. Убедени сме дека перспективата за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО продолжува да биде главен двигател за реформите што водат до трајно утврдување просперитет и стабилност – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија.

Заев рече дека Македонија ќе има редовни консултации за важни прашања од надворешната политика и политиката за безбедност и за други прашања од заеднички интерес на ниво на министерства и дипломатски претставништва во ЕУ и НАТО.

Борисов истакна дека во целост ги поддржува спогодбите, декларацијата, како и приоритетите за кои говореше неговиот колега, премиерот Заев.

Тој нагласи дека претстои период кога Република Бугарија ќе го земе претседавањето со ЕУ, да се направи сериозен исчекор на земјите од Западен Балкан во пристапувањето во Унијата вклучувајќи ја и Република Македонија.

Борисов во име на владата на Република Бугарија на Општина Струмица ѝ ја предаде донацијата – возило за лицата со посебни потреби.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП