2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВработените во „Фени“ охрабрени од појавата на инвеститори во фабриката

Вработените во „Фени“ охрабрени од појавата на инвеститори во фабриката

Претставници од банките заедно со дел од заинтересираните инвеститори за купување на „Фени“ утрово влегоа во фабриката. Тие прават увид во состојбата на „Фени“ со цел да направат понуда за купување на металуршкиот комбинат, во кој веќе трет месец е сопрен производниот процес поради огромни долгови.

Банките ја најавија посетата и побараа непречен пристап во фабриката стравувајќи дека може да наидат на опструкции, но утрово пристапот им беше овозможен.

Вработените во „Фени“ се охрабрени од тоа што во фабриката се појавиле заинтересирани инвеститори.

„Дотерани луѓе со актовки влегоа во ‘Фени’. Беше голема група и никој не им го попречи патот, влегоа без проблем. Изгледаа многу сериозно, а нам ни влеаја надеж дека има решение за нашата мака. Последна исплатена плата ни е септемвриската, а веќе истекува ноември. Овде луѓето живеат од месец за месец, нема резерви. Сите сме со кредити, па тоа што некој е заинтересиран за нас многу ни значи“, велат вработени во „Фени“.

Пецо Ристовски, претседател на Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството, вели дека октомвриската плата за вработените во „Фени“ е голем проблем.

„Платата законски треба да ја исплати сегашниот директор Рајчо Кацаров. Претставници од синдикатот постојано се на преговори со него за исплата на платата, но засега немаме ништо конкретно. Нема најава за исплата на октомвриската плата“, вели Ристовски.

Според него, денес увид во состојбата на „Фени“ правеле банките заедно со претставници на швајцарски фонд заинтересиран за фабриката, а ќе следуваат и посети од британски фонд и од француско-израелска компанија заинтересирани за инвестирање во комбинатот. Ристовски вели дека за фабриката сè уште е заинтересирана и бугарската компанија „Енекод“.

„Заедно со бугарски ‘Енекод’, заинтересирани за ‘Фени’ се четворица инвеститори. Два фонда, швајцарскиот, кој денес беше во ‘Фени’, и уште еден британски фонд, француско-израелска компанија и бугарски ‘Енекод’. Планот е инвеститорите да завршат со увидите до 29 ноември кога е закажано рочиштето за стечај“, вели Ристовски.

Вчера банките кредитори кога го најавија увидот во „Фени“ открија само дека заинтересираните инвеститори се од Европа, а не ја исклучија можноста и за повторни преговори со бугарски „Енекод“ доколку добијат сериозна понуда која ќе содржи издржан план за реструктуирање на фабриката и повторно стартување на производниот процес.

На 29 ноември судот во Велес треба да расправа за можноста за отворање стечај за „Фени“. Ова ќе биде втор обид на овој суд да ја почне постапката откако на 13 номеври на првото рочиште директорот на „Фени“ пред почетокот на судењето побара изземање на судот со барање тоа да се одржи во некој скопски суд оти банките се од Скопје. Врховниот суд го отфрли барањето и повторно го врати предметот во Основниот суд во Велес.

Стечај за „Фени“ иницираа банките кредитори на комбинатот поради долг што надминува 60 милиони евра, од кои 40 милиони кон нив, и 20 милиони евра кон други доверители.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП