2 мај, 2024
ПочетнаКОЛУМНИКОЛУМНА: Пензионерски села - М-р Раде Чоловиќ

КОЛУМНА: Пензионерски села – М-р Раде Чоловиќ

Веќе на двапати, во разговор со двајца различни луѓе, ми кажуваа за инженер, французин, кој што живее повремено во село Јанче. Во ова убаво горнореканско село, одалечено 20 –тина километри од Дебар, човекот има изнајмено куќа под кирија и од таму работи за потребите на Мекларен. Неговата работа се состои во работа на проекти за автомобилската индустрија и тие проекти преку е-mail ги комуницира со претпоставените во Велика Британија. Човекот си го нашол мирот кој му треба за креативноста во работата, во убавата природа во село кое не е блиску до голем град, а и патиштата до таму не се баш од најдобрите и најлесните за возење.

Ова ме натера на размислување дали ние доволно си го цениме тоа што го имаме. Можеби премногу здраво за готово го сваќаме нашето и спремни сме секогаш со потценување да гледаме кон тоа. На пример, знам многу луѓе кои попрво би одбрале викенд во Банско пред викенд во Пехчево или некој друг прекрасен дел во Македонија. Она што ние во Македонија го имаме во облик на достапна питка вода, повеќе од 300 сончеви денови во годината, чистиот воздух (надвор од Скопје, Тетово и други градови) не прави нас специфични како држава и можеби единствени во Европа и светот.

Претходново ме мотивира да предложам една идеја која не е нова и не е толку оригинална.

Во нашава држава има многу села кои се целосно запуштени и опустени. Идејата е тие села да се ревитализираат и да се нудат, за соодветна финасиска надокнада, за престој на пензионери од Западна Европа. Доколку, поради нерешени оставинско имотни односи ќе биде проблем старите куќи да се откупат, тогаш да се изградат нови куќи во стил и архитектура како што биле старите. Доколку се пристапи кон ревитализацијата (изградбата) како регионален, односно меѓуопштински  проект, сметам дека полесно ќе се обезбедат средства да се асфалтираат патишта до тие села, да се донесат трафостаници со кои ќе се подобри квалитетот на електричната струја, да се изгради примарна и секундарна водоводна мрежа и канализација.

Овие села покрај реновирани и опремени со нов мебел, куќи, треба да имаат медицински диспанзер со 24 часа присутен доктор и возило за транспорт на болни. Продавница(и) за основни потреби како храна и роба за широка потрошувачка за оние што сакаат да готват дома, но да има и мал ресторан за културно забавен живот, но и за ручавање за оние кои не сакаат или не можат да готват. Овие села треба да се удобни и да им пружаат сигурност на луѓето кои би се одлучиле да претстојуваат или живеат таму. Факт е дека Европа старее и мислам дека на постарите европјани ако им се понуди да живеат во вакви да ги наречеме пензионерски комплекси, на пократок или подолг рок, ќе има голем интерес.

На пример да ја земеме областа Малесија која е сместена на крајниот запад на државата. Го опфаќа целиот слив на Збашка Река (или Голема Река), десна притока на Црн Дрим. На исток се граничи со Дебарца, на северозапад со Дебарска Жупа, на запад со Дебарски Дримкол, а на југ со Струшко Поле. Релјефот е ридски и планински. Климата е планинска. Зборуваме за област која е одалечена помалце од 20-тина километри од Струга и од аеродромот Свети апостол Павле и нешто повеќе одалечена од термоминералните води на Дебарски Бањи на другата страна. Значи во пензионерското село во овој регион, покрај добри животни услови треба да се нудат и факултативни екскурзии во околината или терапии во костозглобна во Охрид или Дебарски Бањи или слично. Ако сето тоа е придружено со добар маркетинг сметам дека нема шанси идејава да не успее.

Идејата би можела да се реализира како приватна домашна или странска инвестиција, како приватно јавно партнерство или како модел на регионална соработка помеѓу повеќе општини. Примерот со Македонско Село во околината на Скопје, каде што државата го изгради комплексот и потоа го даде на стопанисување под концесија, е доказ дека и пензионерските села би функционирале упешно.

Ако за пример е земен регионот Малесија, знам дека има и други интересни региони во Република Македонија кои имаат свои предности и каде оваа идеја би била можна за реализација. Значи, со мала помош од државата или општината, која треба да ја обезбеди инфраструктурата, понатаму приватниот сектор ќе го превземе економскиот развој во свои раце и ќе реализира вакви и слични проекти.

M-р Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП