6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата обезбеди книги на македонски јазик за дел од основните училишта во...

Владата обезбеди книги на македонски јазик за дел од основните училишта во Србија

По барање на Македонскиот национален совет на македонските национални заедници (НСМНЗ) во Република Србија, Владата на Република Македонија обезбеди книги и литература на македонски јазик за учениците од основните училишта во Република Србија, во кои се изучува предметот македонски јазик со елементи на националната култура.

Овие книги и дополнителна литертура ќе им бидат од особено значење за наставата по овој предмет на учениците меѓу кои најмногубројни се припадниците на македонското национално малцинство, но интерес имаат покажано и учениците од српската, како и од другите националности што живеат во соседна Србија.

Учебниците, на претставниците на НСМНЗ, што ги предводеше претседателот на советот, Борче Величковски, им ги предаде премиерот Зоран Заев, кој во оваа пригода истакна дека оваа средба е добра шанса за разговор од интерес на припадниците на македонските заедници во Република Србија.

Заев ги информира присутните дека за ова прашање се разговарало и на средбите со премиерката Брнабиќ и со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, при што бил покажан значаен интерес на заедниците на Македонците и на Србите во двете земји да бидат поведени иницијативи за афирмативно учество на овие заедници во општествените процеси во Македонија и Србија.
Претседателот на Владата ги запозна присутните со економските програми на Владата и ги охрабри бизнисмените Македонци во Србија да пронајдат интерес и партнери во Република Македонија за заеднички бизнис-иницијативи.

Претставниците на македонските заедници на средбата искажаа желба ваквите контакти и понатаму да продолжат и посебно ја поздравија одлуката на Владата на Република Македонија да именува министер без ресор задолжен за дијаспората.

Заев ги повика македонските здруженија да ги надминат разликите во име на обединување на интересите за граѓаните по потекло од Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП