2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе се бара авиокомпанија за реализација на авиолинија Сараево-Подгорица-Скопје

Ќе се бара авиокомпанија за реализација на авиолинија Сараево-Подгорица-Скопје

Претседавачот со Советот на министри во Сараево, Денис Звиздиќ ја прифатил иницијативата на премиерот Зоран Заев за авиолинија на релација Сараево-Подгорица-Скопје. Ова го соопштил за време на дводневната посета на Заев во Сараево, информираат од прес-службата на Владата на Република Македонија.

На прес-конференцијата за новинарите било соопштено дека Заев, Звиздиќ и премиерот на Црна Гора, Марковиќ, ќе испратат заедничко писмо до сите авиокомпании заинтересирани за воведување на оваа авиолинија, како и дека иницијативата е отворена и за други земји, како што е Република Бугарија.

„Ја користиме секоја можност да ја унапредиме соработката на секое можно ниво, како очекувањето на ЕУ, но и во корист на граѓаните на двете земји“, соопштил Заев пред новинарите.

На прес-конференцијата тој додал и дека се работи на унапредување на можностите за економска соработка во областа на трговијата и во областа на ИТ-секторот, а во таа насока БиХ е поканета да биде активно вклучена на ИТ-самитот што го организира Република Македонија во Скопје на регионално ниво, со цел унапредување на дигиталната економија, трговските и сообраќајните врски.

Соработката помеѓу двете земји била оценета како добра, а двете страни истакнале дека дополнително ќе ја продлабочуваат на политичко и на економско ниво, посебно со отворање добри услови за домашните и странските инвеститори во земјите. Оцениле дека двете држави имаат исти цели, подигнување на животниот стандард на граѓаните, сочувување на мирот и стабилноста во државите и во регионот и интеграции во ЕУ и НАТО.

Со премиерот Зоран Заев во Сараево се и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП