18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВрховен го одби барањето, па судот во Велес ќе одлучува за „Фени“

Врховен го одби барањето, па судот во Велес ќе одлучува за „Фени“

Врховниот суд го одби барањето за изземање на Велешкиот суд во одлучувањето за можноста за стечај на „Фени индустри“. Судскиот процес за металуршкиот комбинат ќе продолжи во Основнот суд во Велес, а барањето за делегирање друг суд е отфрлено како неосновано.

„ Постапката за овој предмет останува да се води пред стварно и месно надлежниот Основен суд Велес“, стои во одлуката на Врховниот суд.

Во понеделникот во велешкиот суд требаше да почне претходна постапка за стечај на „Фени“, но судот  не расправаше за можноста за отворање стечај на фабриката оти сегашниот директор на фабриката, Рајчо Кацаров, пред почетокот на закажаното судење побарал изземање на Основниот суд Велес и пресрапределување на предметот во некој од скопските судови. Судијката Валентина Ѓеорѓиевска само кусо соопшти дека стечајната постапка за „Фени“ е прекината сè додека Врховниот суд не делегира друг суд кој ќе ја води постапката.

Кацаров објасни дека побарал изземање на судот во Велес со објаснување дека бараат за стечајот да одлучува суд во Скопје оти банките кредитори на „Фени“ се од Скопје.

На 31 октомври годинава Основниот суд Велес поведе претходна постапка за отворање стечај за „Фени индустри“ на барање на Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и банката Силк роуд. „Фени“ им должи на банките 40 милиони евра, а долгот кон другите доверители изнесува 20 милиони евра.

Судот именуваше привремен стечаен управник, одреди општа забрана за располагање со имотот на „Фени“, забрани одредување или спроведување присилно извршување или обезбедување против фабриката и забрани исплати од сметката.

Привремениот стечаен управник влезе во фабриката и утврди дека е доведена до колапс поради лоши менаџерски одлуки.

За лошо менаџирање против генералниот извршен директор на „Фени“, Јусуф Миракхмедов, и против раководството, кривична пријава поднесе малцинскиот сопственик БСГР, а Миракхмедов доби кривична пријава и од Финансиската полиција, која не ја исклучи можноста од поднесување уште кривични пријави за работењето во фабриката.

Фабриката трет месец работи на минимум, производство нема. Банките најавија дека сè додека трае стечајот отворени се за разговори со заинтересирани инвеститори кои ќе приложат доказ дека можат да го преземат долгот и ќе гарантираат дека фабриката ќе продолжи да работи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП