Русија и Венецуела потпишаа договор за реструктуирање на долгот од 3 милијарди долари обезбедени од Москва на Каракас, соопшти претставник на венецуелската влада во руската престолнина, цитиран од агенциите.
Претходно амбасадата на латиноамериканската земја во Москва соопшти дека потпретседателот по прашањата на економијата и министер за земјоделство на земјата Вилмар Алфредо Кастро Сотелдо и министерот за економија и финансии на Венецуела Симон Серпа пристигнале во Русија, за да склучат договор за реструктуирање од венецуелскиот долг.
Венецуела не сакала од Русија дополнителна помош, освен реструктуирање на нејзиниот долг, изјави за „ТАСС“ Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
Плаќањата за долгот ќе бидат минимални во наредните шест години, изјави руското Министерство за финансии.
Венецуела зеде заем од Русија на крајот на 2011-та година, но не успеа да продолжи со исплатата на долгот во 2016-та година, откако оваа јужноамериканска земја се соочи со економска и финансиска криза.