2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКлиниката за гинекологија доби 16 инкубатори

Клиниката за гинекологија доби 16 инкубатори

На одделението за интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство пристигнаа 16 инкубатори, кои веќе од вчера може да се користат.

Во другите клиники во Република Македонија ќе бидат доставени уште 10 инкубатори, и тоа во општите болници во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид, Куманово, Битола, Гостивар и во Струмица, како и во Специјалната болница за гинекологија и акушерство – Чаир во Скопје.

„Веруваме дека со оваа донација ќе придонесеме кон зголемување на квалитетот на грижата на предвреме родените новороденчиња. Наша најголема заложба и обврска како Влада и како одговорни граѓани е да се грижиме за најмалите уште од првиот момент по нивното раѓање бидејќи се работи за почеток на животот на идните генерации како најважна и највисока човечка вредност“, изјави премиерот Зоран Заев.

Според него, грижата за новороденчињата е и ќе продолжи да биде еден од врвните приоритети на Владата. „Македонија е земја со многу висока смртност на новороденчиња. Ако во минатото не се посветуваше доволно внимание на овој проблем, денеска ја користам пригодата да ги повикам сите општествени фактори, политички субјекти, институции, општествено одговорни компании, граѓански организации и граѓани заедно да работиме, да се бориме со овој горлив проблем за да ја промениме оваа состојба и да преземаме акции за заштита на здравјето и животите на граѓаните. Горчината во душата што ја чувствуваме кога ќе го слушнеме процентот на смртноста на бебињата, крајно време е да ја отстраниме од нашите души“, додаде тој.

Премиерот смета дека ваквите донации се пример дека државата и приватниот сектор заедно може да придонесат кон решавање и на најгорливите проблеми што ги мачат граѓаните. „Се радувам што во нашата земја постојат позитивни примери, како денешниот со скопска „Пивара“ каде што можеме да видиме како општествено одговорна компанија дава директна помош за унапредување на условите во одделението за интензивна нега, каде што мајките ќе се згрижуваат кога ќе ги донесат своите новороденчиња на свет. Очекувам дека оваа позитивна пракса ќе продолжи, а ние како Влада со одговорни политики и сопствен пример ќе поттикнуваме и мотивираме бројот на општествено одговорни компании во земјата, како и други граѓани, да расте“, додаде тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП