27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоделена десеттата годишна Национална награда за најдобри општествено одговорни практики

Доделена десеттата годишна Национална награда за најдобри општествено одговорни практики

Република Македонија заедно со другите земји е посветена на имплементацијата на целите за одржлив развој кои се тесно поврзани со корпоративната општествена одговорност. За тоа не постои законска обврска. Постои цивилизациска, хумана, човечка обврска, која е многу посилна од законската, изјави премиерот Зоран Заев, во рамки на десеттата јубилејна традиционална годишна манифестација – Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија, реализирани во текот на последната година.

„Суштината на целите за одржлив развој е елегантно доловена во една единствена реченица: ‘Никој да не биде изоставен’. Ова е нашиот водечки принцип во сè што правиме. Драго ни е што реформската програма на Владата е заснована врз истиот принцип“, рече Заев.

На манифестацијата се обрати и министерот за економија, Крешник Бектеши, кој пред присутните порача дека само со претпријатија кои со своето транспарентно и етичко однесување покажуваат дека нивната цел не е само создавање профит туку и зачувување на животната средина и унапредување на социјалното милје, со што придонесуваат за одржлив развој и просперитет во заедницата во која живеат и работат, ќе можеме да кажеме дека успеавме во намерата да имаме развиен концепт на општествена одговорност на претпријатијата, а од нашата држава да направиме подобро место за живеење.

Според амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, во услови на пазарна економија сосема е логично компаниите да се стремат кон профит, но за да постигнат одржлив развој неопходно е истовремено да водат сметка за условите во средината во која функционираат.

„ЕУ го поддржува воведувањето на концептот на ООП во Република Македонија од 2007 година до денес, а овој концепт е составен сегмент од Стратегијата 2020, во делот на паметен, одржлив и инклузивен раст“, истакна Жбогар.

Претседателот на КТООП, Александар Николов, потсетувајќи се на првичната идеја за воведувањето на наградата пред 10 години, го изрази своето задоволство што компаните го препознаа и економскиот и општествениот потенцијал на општествено одговорните проекти.

Извршниот претседател на Бизнис конфедерација, како проектен партнер од Македонија, Миле Бошков, подвлече дека концептот на општествена одговорност претставува можност за искористување на потенцијалите на најдобар можен начин, па низ усогласени мерки и политики да се дојде до економски раст на државата.

На конкурсот на годинешнава награда беа пријавени 34 проекти, од 25 претпријатија, од кои 10 мали и средни претпријатија, кои аплицираа со 10 проекти, а 15 големи претпријатија на конкурсот доставија 24 проекти. Притоа, оваа година за првпат аплицираа 8 претпријатија, односно 32% од вкупниот број, што говори дека интересот на фирмите за учество во наградата од година во година се зголемува. А покрај стандардните категории, однос кон вработените, етичко управување, односи на пазарот, однос кон животната средина и вложување во заедницата, и годинава, по третпат, беше доделено признание за најинвентивна практика.
Општествено одговорните проекти на Адора инженеринг (Со екодомови 15 години градиме зелени градови во Македонија), Алкалоид (Имплементација на систем за управување со таленти во Алкалоид), Градежен институт Македонија (ГИМ-Најеколошка компанија), ЕВН Македонија (Изложбен центар Матка), ОКТА (Јас внимавам), Раде Кончар – ТЕП (Холигноза), Рамстор Македонија (ISO 22000:2005), Скопски легури (Од отпад до производ) и Фармахем (Заедно создаваме подобар свет), годинава се закитија со Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија 2017, во вид на статуетки во петте различни категории.

Плакети, пак, добија проектите на Оне.Вип (Колективен договор на Оне.Вип), Рамстор (Дуќанот е наш), Даути комерц (Еднакви можности за сите), Орка холдинг (Нашите вработени-најважниот ресурс на компанијата), ПУ Центар за ран детски развој „Бонбончиња“ Битола (Во ‘Бонбочиња’ растат одговорни, воспитани и емпатични деца), ЕВН Македонија (Платформа за енергетска ефикасност – Енергетска математика-Нова генерација, како и Да ја заштитиме природата од опасниот отпад), Охридска банка (Осигурување на денарска трансакциска сметка и осигурување на денарски депозит), Пакомак (Зелена планета), Факултет за арт и дизајн при ЕУРМ (Природата нѐ повикува), Шпаркасе банка (Хумантирана акција за поплавените подрачја), ИТД Дистрибуција (Компјутерска соба), Стопанска банка Скопје (Сонуваме. Менуваме) и Адора инженеринг (Нов дом за безгрижна старост на Трајкови во Дедино).

Признанието за најинвентивна практика го доби претпријатието Скопски легури, со проектот „Од ‘отпад’ до производ“.

Во изминатиот 10-годишен период вкупно 173 македонски претпријатија пријавија 540 добри општествено одговорни практики, од кои наградени беа 252 добри практики од пет различни области на општествената одговорност, од кои 101 со статуетки, а 151 со плакети.

Добитници на јубилејните признанија за најнаградувани компани во групата мали и средни претпријатија се: Раде Кончар-ТЕП, Фармахем, Дониа Прилеп, Пакомак, Дуна компјутери и Раде Кончар-СЕРВИС, додека кај големите претпријатија со најмногу освоени награди за најдобри општествено одговорни практики во изминативе 10 години се: ЕВН Македонија, Цементарница УСЈЕ, Фени индустри Кавадарци, Адора инженеринг и Алкалоид.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП