24 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо УЈП се плаќале сметки за комуналии со средства наменети за опремување,...

Во УЈП се плаќале сметки за комуналии со средства наменети за опремување, открија ревизорите

Со пари за осовременување и опремување на УЈП, се плаќале сметки за комуналии. Ова е една од забелешките и констатираните неправилности кои ги утврдиле ревизорите за работата на Управата за јавни приходи, објавено е на веб-страницата на Државниот завод за ревизија.

„Извршени се исплати по основа на преземени обврски по фактури за комунални услуги, за греење, комуникација и транспорт во вредност од 163.328 илјади денари, што претставува 64% од вкупните трошоци за 2016 година. Ваквата состојба не е во согласност со член 5 од Законот за Управата за јавни приходи, согласно кој средствата остварени од откриени и наплатени даноци, како и од наплатените камати за ненавремено платени даноци, треба да се користат за осовременување, унапредување и опремување на работата на УЈП, како и за стимулирање на работата на вработените” – се наведува во ревизорскиот извештај.

Заклучно со декември 2016 година, УЈП имала ненаплатени обврски од приближно 1,9 милиони евра, од кои 65% не се исплатени во законскиот рок од 60 дена. Дополнително, за обука на вработените во Управата за јавни приходи, во 2016 година биле потрошени 27 800 евра, од кои 10 500 евра биле потрошени за обука само на едно лице, кое пак, во текот на 2017 година спогодбено ја напуштило УЈП.

Со извршениот увид во начинот на спроведување на јавните набавки се утврдени неправилности. На пример одлуките за избор на најповолен понудувач во пет од спроведените постапки за јавни набавки не се донесени во законски утврден рок. По доставените забелешки во ревизорскиот извештај, дел од нив не се прифатени. Финасиските извештаи што ги анализирал државниот ревизор го опфаќаат мандатот на тројца директори на УЈП, Кирил Миновски, Петар Есмеров и Анастасија Илиеска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП