15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОдложен стечајот за „Фени“, директорот побарал изземање на велешкиот суд

Одложен стечајот за „Фени“, директорот побарал изземање на велешкиот суд

Прекината е стечајната постапка за кавадаречки „Фени“. Директорот на фабриката побарал изземање на Основниот суд во Велес па целата постапка за стечај е вратена на почеток.

„Постапката е прекината. Добивме барање од ‘Фени’ за изземање на Основниот суд во Велес и делегирање на друг суд. Постапката е прекината сè до изјаснување на Врховниот суд“, рече судијката Валентина Ѓорѓиевска.

Новиот директор на фабриката, Рајчо Кацаров, објасни дека побарал изземање на велешкиот суд со објаснување дека бараат за стечајот да одлучува суд во Скопје оти банките кредитори на „Фени“ се од Скопје.

Тој не сакаше да зборува за долговите и лошата состојба во „Фени“ со објаснување дека е малку време на функцијата, па немал можност да ја утврди состојбата.

„Јас дојдов на 27 октомври, а барањето за стечај беше поднесено следниот ден, на 28 октомври. Во меѓувреме стигнуваат нови долгови. Добивме фактура од Управата за јавни приходи од 5,5 милиони евра и секој ден се појавуваат нови проблеми“, рече директорот Кацаров.

Претседателот на Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството, Пецо Ристовски, вели дека одложувањето на стечајот е на штета на вработените.

„Не очекував ваква одлука. Ова само уште еден доказ дека ниту еден стечај во Македонија не може да се реши за кусо време. Со ова само се комплицира состојбата на вработените“, рече Ристовски и нагласи дека виновници за сегашната лоша состојба на комбинатот се УЈП и Финансиската полиција, кои не направиле навремена контрола на работењето во фабриката.

Денеска истече рокот кој банките ѝ го дадоа на бугарската компанија „Енекод“ да достави нова, издржана понуда за купување на „Фени“. Понуда не добиле.

Синдикалецот Ристовски откри дека заинтересирани за „Фени“ биле уште две компании, едната француска, која и претходно работела со фабриката, и уште една израелска фирма.

На 31 октомври годинава Основниот суд во Велес поведе претходна постапка за „Фени индустри“. Судот именуваше привремен стечаен управник, одреди општа забрана за располагање со имотот на „Фени“, забрани одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против фабриката и забрани исплати од сметката.

Привремениот стечаен управник утврди дека фабриката е доведена до колапс поради лоши менаџерски одлуки.

За лошо менаџирање против генералниот извршен директор на „Фени“, Јусуф Миракхмедов, и против раководството кривична пријава поднесе малцинскиот сопственик БСГР, а Миракхмедов доби кривична пријава и од Финансиската полиција која не ја исклучи можноста од поднесување на уште кривични пријави за работењето во фабриката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП