2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродажба на автомобили – мал раст кај новите, голем пад кај половните

Продажба на автомобили – мал раст кај новите, голем пад кај половните

Мало зголемување на увозот на нови, но значително намалување на влезот на половни автомобили. Сепак, цените подолго време остануваат непроменети.

Според податоците на Царинската управа од 1 јануари до 31 октомври биле увезени 4.445 нови и 18.256 половни автомобили. Во истиот период лани бројките достигнале 4.169 односно 22.113.

Импортерите на нови возила потврдуваат дека имаат благо зголемен промет, но велат и дека состојбата е се уште далеку од онаа пред 6-7 години кога годишните бројки по бренд се мереле во илјадници, а сега во стотици.

„Очигледно е дека имаме заситен пазар од една страна, а од друга страна имаме и намалена куповна моќ. Скоро сите што можат да си дозволат нов автомобил веќе го направија тоа, другите купуваат половни“, велат во еден од поголемите салони за автомобили.

Стагнација има и кај продажбата на половни автомобили – на интернет има десетици илјади активни огласи. Се нуди се – од Yugo од 80-те за 300 евра, Ford Fiesta од 90-те за 700, неколку години стара Toyota Yaris за 4.000 евра. Секако има и луксузни возила кои чинат 10 до 15 илјади евра.

На плацовите за препродажба автомобилите седат паркирани со месеци чекајќи сопственик.

„Никако не оди, пред пропаѓање сме. Пред неколку години продавав и над 50 коли месечно. Сега едвај опстојувам, морав да отпуштам двајца вработени, сега продавам сам“, вели сопственик на плац за препродажба на половни коли.

Лани во јули стапија во сила построгите критериуми за увоз на половни возила. Се забрани внес на автомобили со ЕУРО 3 стандард односно постари од 2005-та година. Ова дополнително го намали обемот на работа за препродавачите односно за увозниците на половни коли.

Дека секторот стагнира покажуваат и податоците на Народната Банка. НБРМ подолго бележи намалување на одобрените автомобилски кредити, последните податоци покажуваат годишен пад од околу 5%.

На глобално ниво трендот е позитивен. Светскиот пазар на нови автомобили минатата година имал раст од 4.6%, биле продадени 93 милиони и 248 илјади нови коли, а најголем дел од продажбата била остварена во Кина и Соединетите Американски Држави.

Во Европа лани бил остварен раст од 6.3%, биле продадени 15 милиони и 762 илјади нови автомобили, а топ пет водечки пазари биле: Германија, Франција, Обединето Кралство, Шпанија и Италија.

Британскиот специјализиран сајт за купување автомобили, carbuyer.co.uk, направи листа на најдобрите половни автомобили за годинава споредувајќи ги цените и перформансите. На првото место е Kia Cee’d, а потоа следат Skoda Yeti, Dacia Duster, Ford Focus, SEAT Leon, Nissan Leaf.

Сепак, за македонски услови, барем според познавачите, најдобра е инвестицијата во германски марки особено серијата на Volkswagen која најмногу држи цена и која има достапни резерви делови и евтин сервис.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП