5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрилеп втор пат користи поволен кредит од Светска банка за инфраструктурни проекти

Прилеп втор пат користи поволен кредит од Светска банка за инфраструктурни проекти

img291

Прилепската локална самоуправа со Министерството за финасии денеска потпишаа договор со кој Прилеп втор пат користи поволен кредит од Светска банка за инфраструктурни проекти.

Кредитот е во висина од 800.000 евра за втората фаза од булеварското решение на влезот од градот од кај превојот Плетвар.

– Прилеп има добар проект и целосна документација.Втор пат е корисник на заемот од Светска банка со многу поволни услови – отплата од 13 години со 3 години грејс период и камата од еден отсто. Проекти имаат уште 30-ина општини. Кредитната линија важи до 2017 година и се надеваме дека повеќе од половината општини ќе го користат за инфраструктурни проекти, изјави Малгожата Маркиевич Богов, која во името на Министерството го потпиша договорот.

Целата кредитна линија е 75 милиони долари, во кои се заемите за инфраструктурни проекти.

Прилеп, нагласи градоначалникот Марјан Ристески, претендира да биде еден од најдобро уредените градови.

– Оваа е втора фаза од булеварското решение на влезот од градот во должина од еден километар. Булеварот е со четири ленти во двата правци, со пешачки и велосипедски патеки и завршува со кружен тек на првата раскрсница кај некогашната конфекција „Солидност“. Визуелно се средува влезот во Прилеп, поголема сигурност за учесниците во сообраќајот и е многу битен за економскиот развој на градот, појасни Ристески.

Инаку, при крај се работите од првата фаза во должина од 700 метри кај бензиската на „Лук оил“ за кои градот, исто од Светската банка, веќе користи средства од околу 500.000 евра. Работите и со втората фаза се очекува целосно да бидат завршени до крајот на годинава.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП