27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПатот Прилеп-Градско ќе биде блокиран од вработените на „Фени“ кои бараат прекин...

Патот Прилеп-Градско ќе биде блокиран од вработените на „Фени“ кои бараат прекин на стечајот

Вработените во „Фени“ денес ќе го радикализираат штрајкот. Најавија блокирање на патниот правец Прилеп-Градско. Тие бараат повлекување на предложениот стечај за фабриката, бараат платите да им се исплаќаат во целост и до продажбата на фабриката да имаат статус на вработени.

Привремениот стечаен управник, пак, Мирослав Анастасиевски, утрово соопшти дека веќе се утврдени слабо менаџирање и лоши деловни одлуки во фабриката.

„Сакам да ве известам дека во финална фаза е подготовката на извештајот за спроведена претходна постапка, кој ќе биде поднесен до Основниот Суд Велес. Од направените анализи се препознава компанија која е западната во тешка финансиска состојба како резултат на слабо менаџирање и лоши деловни одлуки. ‘Фени индустри’ АД има добар бизнис-потенцијал, а отворањето стечајна постапка во овој момент е единствен начин за зачувување на имотот, спречување на настанување штети и изнаоѓање најбрзо можно решение за рестартирање и ангажирање на вработените во одржување на технолошкиот минимум, со изнаоѓање нов стратешки инвеститор и брз премин кон нормално функционирање“, соопшти привремениот стечаен управник.

Некои од вработените во „Фени“ вчера излегоа на штрајк пред локалните филијали на банките кредитори на фабриката и побараа повлекување на стечајот. Штрајкот не ги премисли банките што останаа на ставот дека стечај со реструктуирање и изнаоѓање сериозен инвеститор е единствено решение за спас на фабриката.

Рочиштето на кое ќе се разгледува можноста за отворање стечај за „Фени“ е закажано за 13 ноември во Основниот суд во Велес.

Дел од вработените најавија дека ако е  потребно ќе штрајкуваат секојдневно до 13 ноември и секојдневно ќе го радикализираат штрајкот.

Некои од вработените што не излегуваат на штрајк сметаат дека претседателот на синдикатот на „Фени“ е продолжена рака на раководството што ја довело фабриката до колапс. Тие најавија дека се организираат за избор на ново синдикално раководство во кое раководните лица нема да имаат влијание.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП