2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНа 10 декември почнува „Есенскиот џез караван“

На 10 декември почнува „Есенскиот џез караван“

На 10 декември ќе се одржи првиот концерт во Делчево организиран во рамки на манифестацијата „Есенски џез караван“ по што следат Богданци, Пробиштип и Крушево.

За почеток на караванот се резервирани младите, атрактивни и енергични Fierce и MusaIQ, кои ќе настапат во Салата во Спомен-домот АСНОМ во Делчево со почеток во 20 часот.

Музиката што MusaiQ ја креира претставува легура од стилови поврзани со специфична нишка која всушност е срцето на овој состав. Македонскиот фолклор, како непресушна ризница на инспирација, е поводот за издавање на првата обработка на познато македонско фолклорно дело (Со маки сум се родила), но не и рамка на движење или изведување на некаков протокол. Опусот на составот е многубоен колаж на жанрови, како што се издиференцираните карактеристики на самите членови. Самиот состав функционира околу 2 години, но индивидуалното портфолио на членовите врши и повеќе од израмнување на равенката за уметничко искуство. Во овој интересен прогресивен бенд членуваат Калина Велковска – вокал , Петар Лукиќ – клавијатура, Иван Петровски – гитара , Никола Бочваров – бас и Александар Ванчовски – тапани.

Fierce се дел од најмладата генерација македонски џез-музичари кои енормно брзо ја освоија публиката. Нивниот звук се движи во границите на современиот џез вклучувајќи силни и иновативни рифови, ритми и мелодии. Имаат настапувано на реномирани фестивали и настани во и надвор од државата.

Бендот го сочинуваат Горјан Стојменовски (гитара), Виктор Филиповски (тапани), Марко Василевски (контрабас), Борислав Веселинов (саксофон) и Сенад Усеин (труба). Fierce се моментално актуелни со својот прв албум.

Манифестацијата „Есенскиот џез караван“ е поддржана од Министерството за култура и влегува во програмата на проектот „Нов културен бран“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП